Азески: Законот за јавни набавки да го фаворизира квалитетот и домашните компании
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески на средби со регионалните комори во Прилеп, Битола и Кичево побара измени за поедноставување и дигитализација.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески одржа средби со бизнисмените од регионалните комори во Прилеп, Битола и Кичево, во присуство на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, и претставници од Управниот одбор на Стопанската комора.
Азески нагласи дека потребни се измените во Законот за јавни набавки кои ќе овозможат критериуми што ќе ја вреднуваат квалитетната понуда, наместо автоматско фаворизирање на најниската цена, како и решение што ќе го поттикнува учеството на домашни компании пред странските во релевантни случаи. Комората, додаде тој, е подготвена да го поддржи поедноставувањето на постапките и процедурите за издавање дозволи и други документи од страна на државните институции за непречено работење на бизнисот.
Предлози од регионалните комори
На состанокот беше констатирано дека прифаќањето на предлозите на Комората ќе придонесе и кон интензивирање на борбата против корупцијата и кон дигитализацијата на процесите. Се разговараше и за иницијативата за Недела неработен ден и за Законот за празници, за кои се оцени дека е потребна поширока јавна дебата поради различните ставови и искуства.
Од Регионалната комора Прилеп беа презентирани три иницијативи: прва — иницијатива за намалување или привремено укинување на царинските давачки за суровини за кои во конкретен период не постои доволно домашно производство, со цел да се избегнат недостиг и ризик од губење извозни пазари.
Втората иницијатива предвидува измена и унапредување на законските решенија во делот на боледувањата, со цел да се намали влијанието од подолги отсуства врз организацијата и финансиското работење на работодавачите, преку мерки кои ќе ги штитат оправданите боледувања и ќе ги спречуваат евентуалните злоупотреби.
Третиот предлог е за санација и подобрување на патниот правец Прилеп–Ракле, како клучна инфраструктурна точка за транспортот на стоки и суровини, што има директно влијание врз секојдневното работење на компаниите.
На крајот беше посочено дека квалитетна и брза патна и железничка инфраструктура и гасоводот се клучни за развојот на пелагониско‑преспанскиот стопански регион, кој учествува со 14 проценти во БДП, има 8.600 стопански субјекти, бележи раст од 3,5 проценти, зголемен извоз и 10 нови компании.
Фото: прес-материјал од настанот


