Бадентерово мнозинство ги блокира законите за образование и застапеност
Министри и пратеници лобираат за поддршка додека опозицијата условува со десетици амандмани

Пакетот предлог‑закони за високото образование и Законот за правична застапеност остануваат заглавени во Собранието оти власта не располага со т.н. Бадентерово мнозинство. Министри и пратеници од владејачката коалиција лобираат за поддршка, а опозицијата ја условува со прифаќање на низа амандмани.
Притисоци, амандмани и процедурни бариери
Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги презентираше предлог‑измeните на трибини и средби со јавните и приватните универзитети, тврдејќи дека текстот ги содржи конструктивните забелешки и ќе придонесе за унапредување на квалитетот. Таа рече: "Со сигурност знам дека голем број од нашите пратеници, исто така лобираат меѓу своите колеги, објаснувајќи го значењето, оти тие се значајни. Вие често ќе ме прашате, немаме универзитет на Шангајската листа, до кога ќе бидеме надвор од други ранг‑листи, не само заради тоа, ќе придонесе за унапредување на квалитетот на високото образование, но многу е важно што во еден среднорочен период, ние очекуваме да добиеме подобар квалитет на стручњаци на пазарот на труд."
На прашањето дали реформата ќе пропадне ако законите не стигнат на пленарна седница, Јаневска одговори: "Во ниту еден момент нема да се откажам од овие закони и искрено сум оптимист и мислам дека ние сепак на крај ќе ги донесеме."
Од опозицијата, пратеникот Сали Мурати од коалицијата Европски фронт (предводена од ДУИ) обвинува дека власта по кус пат сака да го донесе пакетот и дека со предложените решенија се навлегува во автономијата на универзитетите. Мурати рече: "Министерството не треба да се меша, имаме десетици членови кадешто тие се мешаат во нивната работа, на Сенатот, на универзитетското раководење, и тие ќе бидат продолжена рака на министерството за образование. Нема, не прифаќа никој. Ќе имаме многу, над 30 амандмани, ако продолжат вака. Нека повелат, ќе се соочиме, ќе имаме јавна расправа за оваа работа, нека јавноста слуша "
И здравствениот министер Сашо Клековски вели дека предлог‑законот за пушење е заглавен во парламентот. Тој ги опиша основните решенија — забрана за пушење во затворени простории, во фирми и јавни институции и тераси што треба да бидат отворени најмалку од две страни — и го отфрли предлогот за воведување посебни простории за пушење поради техничко‑технолошки ограничувања. "Во одредени земји има пушачки соби, но тие се со такви техничко‑технолошки решенија, да кажам со негативен притисок што ние не успеваме во нашите оперативни сали да го постигнеме, а камоли да се постигне во ресторан или друг простор. Сметам дека имавме продуктивен дијалог со угостителската комора, со другите чинители и штом ја имаме поддршката од нивна страна, сметаме дека ова е оптимално решение, треба да искомуницираме со Собранието да помине низ три комисии и да биде ставена на пленарна седница за усвојување ", рече Клековски во изјава за медиумите на 27 септември годинава.
Во однос на законот за пушење, пратеници од ВМРО‑ДПМНЕ и ЗNAM поднеле вкупно осум амандмани: меѓу барањата е цигарите во малопродажба да се изложуваат но подалеку од дофат на потрошувачите, а запознавањето на потрошувачот со производот на самото место да не се смета за рекламирање. Пратеникот Бојан Стојаноски порача: "Се чека дополнително експертско‑правно мислење за толкувањата на нивните амандмани. Најголем дел од оние коишто треба да одлучат во комисиските филтри во Собранието, односно пратениците коишто се дел од Комисијата за здравство се медицински, здравствени работници коишто немаат особено истакната експертиза во правото, бараат дополнително мислење. Веднаш штом тие мислења ќе ги собереме, ќе продолжиме секако со дискусијата за овој закон."
Пратеничката Саранда Имери од владејачката Влен потсети дека законот за пушење е дел од Реформската агенда и треба да биде усогласен со европските стандарди. Таа рече: "Законот треба да се усогласи со европските стандарди и закони и затоа ова треба да помине како што е." И додаде дека во светот постојат посебни простории каде се пуши, но тоа не смее да ја загрози здравствената заштита на непушачите: "Видете, каде и да одиме, и во Европа и во целиот свет има посебни простории кадешто се пуши, но целта е да не се загрозува здравјето на тие што не пушат. Јас лично, не ми пречи, може и да има олеснување во оваа насока, но треба да биде во склоп на незагрозувањето на другите поединци што не пушат."
Во меѓувреме, расправата за Законот за правична застапеност продолжува. Мурати предупреди дека дел од препораките на Венецијанската комисија не се целосно имплементирани и дека текстот мора да предвиди буџет, санкции и систем за верификација на етничката припадност со мерливи квоти, затоа што без тоа помалите етнички заедници ќе тешко дојдат до вработување во јавниот сектор, иако ги штити Уставот.
Процедурно, за усвојување на законот за правична застапеност е потребно Бадентерово мнозинство — односно мнозинство од присутните пратеници и истовремено мнозинство од присутните пратеници што припаѓаат на немнозинските заедници — прагови кои во овој момент владејачката коалиција не може да ги обезбеди без поширока поддршка.
Фото: прес-материјал од настанот


