Багери на „Албанската плажа“: Косово урна 11 викендици на Срби крај езерото Уjман — Брисел предупредува за „сериозен проблем со владеењето на правото“
Сопствениците тврдат дека за рушењето дознале од налепени известувања, ЕУ и ОБСЕ бараат итен прекин, а директорот на „Ибер-Лепенц“ порачува: продолжуваме до крај

Косовските власти на 21 јули урнаа 11 нелегално изградени викендици во сопственост на локални Срби на брегот на езерото Уjман (Газиводе) во општина Зубин Поток, на локацијата позната како „Албанска плажа“. Акцијата, изведена од Министерството за животна средина со асистенција на полицијата, веднаш предизвика остри реакции од Европската Унија и ОБСЕ.
„Рокот истече на 3 јули“
Рушењето го побарало јавното водостопанско претпријатие „Ибер-Лепенц“, кое стопанисува со езерото — стратешки резервоар од кој вода за пиење добиваат околу 600.000 жители во девет косовски општини.
„Тие не ги испразнија објектите до 3 јули, па го известивме инспекторатот кој денес излезе на терен“, изјави првиот човек на претпријатието Фарук Мујка, потсетувајќи дека пред еден месец веќе беа урнати првите пет викендици во селото Чечево.
Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион Ветон Елшани потврди дека асистенцијата почнала од 7 часот наутро, за планираното рушење на 11 објекти.
ЕУ: неповратни мерки без завршени судски постапки
Токму процедурата е јадрото на спорот. Погодените жители тврдат дека за рушењето дознале од известувања залепени на самите објекти, а кога побарале судски одлуки — не ги добиле. Канцеларијата на ЕУ во Косово изрази загриженост за „непочитувањето на правната постапка во овој и неколку други неодамнешни случаи на северот“, нагласувајќи дека
„неповратни извршни мерки во контекст на постапки што сè уште траат и оспорени имотни барања покренуваат сериозни прашања за владеењето на правото“.ОБСЕ порача дека секое дејствие што ги засега имотните права „мора да се спроведува строго во рамките на важечкиот правен систем и со целосно почитување на правото на правичен процес“.
Белградската Канцеларија за Косово оцени дека рушењата „не се спроведени заради примена на закон, туку од политички причини“. И покрај повикот на ЕУ за итен прекин на понатамошни рушења, од „Ибер-Лепенц“ се дециден: акцијата продолжува додека не бидат ослободени сите јавни имоти. На најчувствителната точка меѓу Приштина, северот и Белград — водата — тензијата повторно расте.