Почетна
Балкан

Балканот во пламен: големи шумски пожари го погодуваат јадранското крајбрежје

Најтежок е пожарот на јадранското крајбрежје на Хрватска; пријавени една жртва, тешко повредени и десетици активни пожари во регионот.

·Балкан
Балканот во пламен: големи шумски пожари го погодуваат јадранското крајбрежје

Големите шумски пожари продолжуваат да пустошат делови од Балканот, а најтешка е ситуацијата во Хрватска каде во изминативе денови изгореа делови од јадранското крајбрежје.

Противпожарните екипи се борат со огнените фронтови

Екипите се обидуваат да ги стават под контрола пожарите во близина на Задар, а во текот на ноќта избувнале и нови пожари во други делови од земјата. Огнената стихија во близина на Омиш е под контрола, но веќе предизвикала жртви и голем број повредени.

Вишеслав Пешиќ – командир на противпожарна бригада: „Илјадници хектари да изгорат за неколку часови, тоа ја покажува огромната сила на пожарот. Создадени се идеални услови за негово ширење поради ветерот и конфигурацијата на теренот. Не можевме да влегуваме во огнот бидејќи ќе имаше и повредени пожарникари, па целото гаснење беше насочено кон спасување на човечки животи."

Според хрватските медиуми, загина 34-годишна државјанка на БиХ, која исчезнала на 13 август додека бегала од пожарот. Седуммина се во критична состојба и се приклучени на механичка вентилација; најтешкоповредените се префрлени во Клиничкиот центар во Загреб.

Тихана Магдиќ Турковиќ - раководителката на Одделот за анестезиологија и интензивно лекување при Клиниката за трауматологија: „Се работи за две машки и едно женско лице на возраст од 18 до 46 години. Сите се со тешки изгореници што зафаќаат од 40 до 50 проценти, па се до 70 проценти од кожата. Во овој момент се бориме за нивните животи, односно ги стабилизираме нивните витални функции."

Во Црна Гора, противпожарните екипи веќе неколку дена се обидуваат да ги стават под контрола огнените фронтови над Бијела и Улцињ, а пожарите на подрачјето на Херцег Нови и Никшиќ остануваат активни но под контрола. Драгољуб Сенчиќ, жител на Црна Гора, рече: „Пожарникарите се уште се тука, дежураат, иако пожарот е речиси изгаснат. Го обезбедуваат целиот регион. Јас бев најзагрозен. Пожарот стигна до куќите но пожарникарите успеаа да го изгасат."

Во Албанија во последните 24 часа биле пријавени 35 пожари, од кои 8 и натаму се активни. Над 500 пожарникари, помогнати од околу 200 војници и од неколку хеликоптери и авиони, се вклучени во гаснењето.

Неки Фета изјави: „Пожарот зафати голема шумска површина. Теренот е тежок, а пламените јазици се шират, потпомогнати и од силниот ветер. Сепак, интервенцијата овозможи пожарот да биде ставен под контрола во делот во близина на домовите, а во моментов не е пријавена опасност за населените места."

Во Грција велат дека иако пожарите се во голем дел ставени под контрола, состојбата останува на високо ниво на готовност: теренот се следи со дронови и се разгледуваат превентивни мерки, вклучувајќи ограничување на пристапот до шуми, национални паркови и други ризични подрачја.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи