Бигорскиот манастир примил три нови монаси — Теодосиј, Харитон и Никифор
Свeчен потстриг во чест на отсекувањето на главата на Св. Јован Крстител, со гостински византиски хор од Тирана.

Во рамките на празничното бдение по повод Отсекувањето на чесната глава на Свети Јован Крстител, Бигорскиот манастир примил три нови монаси кои ги добиле монашките имиња Теодосиј, Харитон и Никифор.
Свечениот рамноангелски потстриг го извршил митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, додека кандидатите до олтарот ги привел нивниот духовен отец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј. Досегашните браќа Стефан, Владимир и Јован ја напуштиле световната подредба и го започнале новиот духовен живот под монашките имиња.
На настанот имало верници од сите краишта на Македонија и од соседните земји, а службата ја збогатило византиското псалмопение на гостите од хорот „Свети Јован Кукузел“ од Тирана, кои пееле заедно со бигорското братство на повеќе јазици.
Во официјалната објава на Facebook-страницата на манастирот, со фотографија и снимка од самиот чин, братството упатило благослов за новите монаси: "Нашите нови браќа, монасите: Теодосиј, Харитон и Никифор. Нека им е за спасeние на душите, за радост на Ангелите, а порази на демоните! Господи помилуј!", порачаа од Бигорски.
Бигорски — духовното срце покрај Радика
Сместен меѓу карпестите падини на планината Бистра, вдолж текот на реката Радика, манастирот „Свети Јован Крстител“ е основан во 1020 година од монахот Јован Дебранин. Манастирот е познат по својот неповторлив дрвен иконостас, ремек-дело на копаничарството изработено од тајфата на Петре Филиповски – Гарката, како и по чудотворната икона на Свети Јован Крстител.
Благодарение на повеќедеценискиот труд на епископот Партениј, Бигорски доживеа обнова и денес е едно од најживо монашките средишта во земјата, препознатливо по зачувување на црковните традиции и отворени порти за поклониците.
Фото: прес-материјал од настанот


