„Бит Фест 2026“ ќе заврши со „30 години Фолтин“ на Хераклеја
Бит Фест ќе заврши на 29 август со концертот „30 години Фолтин“ на Хераклеја; КИЦ регистрира над 70 настани и повеќе од 21.000 посетители.

Со концерт по повод 30‑годишнината на битолската група „Фолтин“ на платото кај Хераклеја, на 29 август ќе се спушти завесата на Бит Фест 2026. На денешната прес‑конференција градоначалникот и организаторите ја сумираа програмата и бројот посетители на летните културни настани.
Настани и посетеност
Градоначалникот Тони Коњановски ја поздрави одлуката Културниот и информативен центар годинава да го организира „Бит Фест“ и посочи дека под капата на фестивалот се одржаа и нови содржини како „Битолски чалгиски денови“, кои ја исполнија Соствената чаршија со чалга и радост.
„Интересот и присутноста на публиката на секој настан, големите аплаузи беа награда за уметниците, но и за Културниот и информативен центар кој го реализираше овој фестивал со поддршка на Општина Битола.
Разиграно и распеано беше на повеќе локации, овде пред и во Офицерскиот дом, Хераклеја, Широк сокак, Старата чаршија, Пациото, Центарот за култура, театарот.
Освен битолчани, програмата беше привлечна и за туристите кои ја посетија Битола и за бројните иселеници кои летово беа дојдени во родниот крај.
Она што ме радува е што Битола има традиционални летни фестивали кои од година во година стануваат се подобро и подобри и под чадорот на препознатливиот „Бит Фест“ ја негуваат културата, традицијата, уметноста. Најдоброто домашно, балканско, европски и светско беше во Битола, а токму сите тие се нашите најголеми културни и уметнички амбасадори“, истакна градоначалникот на Битола.
Директорот на КИЦ, Димитар Михајловски, рече дека во изминатите два месеци се одржаа над 70 настани, а бројот на посетители е над 21.000. „КИЦ се докажа како сериозна институција за организација на големи настани кои се дел од еден фестивал како што е „Бит Фест““, рече тој.
Михајловски го потсети на отворањето со мјузиклот „Као како“ и промоцијата на „Битолскиот чалгиски фестивал“ со кој беше промовиран и Битолскиот чалгиски оркестар. Тој најави дека на 10-ти септември во театарот во Битола ќе гостува претставата „УНА“ на Звездара театарот од Белград, а на 13-ти септември на платото пред Офицерскиот дом ќе настапи групата „Мизар“.
Од групата „Фолтин“ порачаа: „Триесет години заедно растевме, се менувавме и се среќававме на концерти. Од клубови до театри. Од мали сцени до „Хераклеја“. Од неколкумина љубопитни до генерации луѓе што ги знаат песните наизуст. Ова лето повторно ќе се сретнеме. И чест ни е што токму со нашиот концерт за одбележување на 30 години концерти на „Фолтин“ ќе биде завршниот акорд на „Бит Фест 2026“, е пораката на групата „Фолтин“, која на градоначалникот Коњановски му подари винил плоча.
Свеченото затворање со концертот на „Фолтин“ е на 29 август од 20:00 часот на „Хераклеја“.
Фото: прес-материјал од настанот