Почетна
Македонија

Божиновска: Независни експерти позитивно ги оценија предлог-законите за геологија и рударство

Ревизијата утврди дека предлог-законите за геологија и рударство се современи и во согласност со релевантните европски практики.

·Македонија
Божиновска: Независни експерти позитивно ги оценија предлог-законите за геологија и рударство

Независни експерти дале позитивна оцена за предлог-законите за геологија и за рударство, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини по средбата со рецензентите.

Во ревизијата е заклучено дека двете предлог-акти се современи, сеопфатни и во значителна мерка усогласени со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики. Во рамки на експертската проверка била направена компаративна анализа со законодавствата на шест земји членки на ЕУ — Австрија, Германија, Полска, Чешка, Финска и Хрватска, при што е утврдено дека предложениот македонски модел е во согласност со релевантните европски практики.

Кој ја изработи ревизијата

Ревизијата е изработена од Кристи Дизни Брукнер – меѓународен експерт за рударски политики и законодавство, и проф. д-р Вјечеслав Боханек – регионален академски и стручен експерт со директно искуство во хрватското рударско законодавство. Ревизијата е спроведена во соработка со граѓанската организација „Нов Трет Пат“ и во процесот биле вклучени претставници на Министерството, Геолошкиот завод и Инспекторатот за енергија и минерални суровини.

Министерката за енергетика Сања Божиновска, на средбата со експертите, порача: „Нашата цел не е само формално усогласување со европското законодавство. Сакаме да донесеме закон кој ќе биде функционален, применлив и современ, закон кој ќе создаде јасни правила и правна сигурност, ќе овозможи развој на рударскиот сектор и одговорни инвестиции, но истовремено ќе гарантира дека јавниот интерес, граѓаните, животната средина и локалните заедници нема да бидат ставени во втор план“.

Во соопштението од ресорното министерство се вели дека „Експертската ревизија е важен чекор во процесот на финализирање на законските решенија бидејќи овозможува дополнителна стручна проверка и споредба со искуствата на земјите членки на ЕУ“. Процесот на финализирање на предлог-законите продолжува, со определба конечните решенија да бидат современи и усогласени со европските стандарди.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи