Професионалните војници и 613 армиски ветерани протестираат пред Владата на 7 ноември
Синдикатот бара системско решение за статусот и ги отфрла предложените мерки на Министерството за одбрана како недоволни.

Професионалните војници ќе протестираат пред Владата на 7 ноември, побарувајќи подобри работнички права, трајно решавање на нивниот статус и достоинствени плати.
Од Независниот синдикат на професионалните војници велат дека оваа категорија е единствената во службата која работи на определено време и дека по завршувањето на професионалниот ангажман многумина остануваат без соодветно работно и социјално решение и „на улица“. Синдикатот ги отфрла најавените измени од Министерството за одбрана, оценувајќи ги како обид за манипулација, бидејќи, според нив, не нудат системско решение.
На протестот ќе се приклучат и ветераните
На протестот ќе се приклучат и 613 армиски ветерани кои ја обвинуваат државата за маргинализација и за лишување од соодветна институционална поддршка. Тие тврдат дека ги исполнуваат законските услови, но дека по навршувањето на 45-годишна возраст и завршувањето на службата во Армијата не им биле обезбедени соодветните права.
Министерот Владо Мисајловски најави предлог-решенија за регулирање на статусот на професионалните војници. Меѓу предложените можности се исплата на отпремнина по завршувањето на службата, продолжување на работниот ангажман во Армијата или преземање работни обврски во друга државна институција.
Синдикатот, сепак, смета дека најавените мерки не го решаваат суштинскиот проблем и бара трајно, системско решение кое ќе ги опфати сите професионални војници. И синдикатот и ветераните очекуваат конкретен правен одговор, а не привремени мерки.
Фото: прес-материјал од настанот


