Брисел ги крои новите правила: Црна Гора и Исланд може да влезат во ЕУ како „пакет“
Услов е Исланд на референдумот на 29 август да поддржи обновување на преговорите; еврокомесарката Марта Кос вели дека тие би можеле да траат „една до две години“.

Брисел работи на нова рамка за проширување на Европската Унија и разгледува можност Црна Гора и Исланд да влезат како заеднички пакет, со потенцијален термин за прием во 2028 година доколку се исполнат условите.
Европски функционери и дипломати брифираат дека идејата зависи од тоа дали Исланд ќе одлучи на референдумот на 29 август да го поддржи повторното започнување на преговорите за членство. Еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека Исланд е "посебен случај" и дека преговорите би можеле да траат "една до две години" доколку Рејкјавик одлучи да ги обнови на 29 август.
Што значи за Северна Македонија?
За Северна Македонија, покрај новите сценарија за другите кандидати, останува обврската за уставни измени поврзана со прашањата за претставување на заедниците. Експертите сугерираат внатрешни механизми со кои дел од реформите ќе се врзат директно за напредокот во преговорните кластери.
„Одреден внатрешен механизам со кој што државата од една страна ќе бара отворање на повеќе кластери- преферентно на сите кластери на Втората меѓувладина конференција и да видиме што ќе успееме да добиеме. Со механизам со кој што промените на одредени закони би биле врзани со кластерите и нивното затворање, би можело да биде напред во откочување на втората меѓувладина конференција,“ изјави Симонида Кацарска, директорка на ЕПИ.
Премиерот Мицкоски вo следните денови ќе престојува во Брисел, но засега нема детали за неговата посета и средбите. Претходно, шефот на дипломатијата изјави дека „идејата за уставните измени стана токсична, а Македонија станала ’студија на случај‘ за тоа како билатералните спорови можат да го попречат процесот на проширување на ЕУ.”
Набљудувачите предупредуваат дека новиот пристап ќе има тежина само ако Брисел обезбеди јасни чекори и реални рокови. За Скопје, најитно останува да се најде внатрешен политички консензус околу уставните промени и да се разгледаат механизми што ќе ги поврзат домашните реформи со конкретен напредок во преговорите.
Фото: прес-материјал од настанот