Почетна
Свет

Британски водоводни компании заработиле повеќе од £340 милиони од индустриски отпад

Пречистителни станици примаат милијарди литри индустриски отпад годишно, предизвикувајќи загриженост за загадување и инфраструктура

·Свет
Британски водоводни компании заработиле повеќе од £340 милиони од индустриски отпад

Компаниите за водоснабдување и управување со отпадни води во Велика Британија минатата година остварија приход поголем од £340 милиони со прифаќање индустриски и комерцијален отпад во јавните постројки за пречистување на канализацијата, покажува истражување на организации за заштита на животната средина. Истражувањето предупредува дека голем број пречистителни станици не се проектирани да ги отстранат хемикалиите кои сега влегуваат во системот, поради што загадувачите стигнуваат до реките, морињата и земјоделските површини.

Правен рамков и недостатоци во контрола

Според законот применлив во Англија, водоводните компании се должни да прифаќаат индустриски испуштања и можат да издаваат дозволи познати како „согласности за испуштање индустриски отпадни води“, што им овозможува на претпријатијата да го испраќаат нивниот отпад во јавната канализациска мрежа. Компаниите имаат право и да ги одбијат таквите барања, но не постои централен регистар или независно регулаторно тело кое системски го надгледува процесот.

Истражувањето, спроведено од Watershed Investigations и активистичката група River Action, покажа дека пречистителни станици ширум Англија годишно примаат и до 608 милијарди литри индустриски отпадни води од локации како термоелектрани, фармацевтски компании, фабрики за прехранбени производи, болници, кланици и постројки за третман на отпад. Самите водоводни компании ги издаваат дозволите и вршат контрола на нивното почитување, додека надлежните органи за заштита на животната средина имаат ограничена директна улога.

Повеќето пречистителни станици се темелат на биолошки третман, кој не е предвиден за отстранување на голем дел од индустриските хемикалии. Загадувачите кои ќе го преживеат процесот на пречистување се испуштаат во реки, езера и морски води како „пречистена отпадна вода“, додека материите што се задржуваат во канализациската тиња се користат како ѓубриво на земјоделското земјиште.

Дополнителното оптоварување од индустрискиот отпад придонесува за преоптоварување на канализациските системи и почести излевања на сурова канализација, што предизвика гнев кај јавноста, протести и повици за национализација на индустријата со цел профитот да се вложува во унапредување на инфраструктурата наместо да се дели меѓу акционерите.

Во финаниските податоци вклучени во истражувањето, United Utilities имаше најголем приход од индустриски отпад минатата година — £61.6 милиони, а по неа следува Yorkshire Water со £48.8 милиони. Според истражувањето, приходите на секторот од прифаќањето индустриски и комерцијален отпад значително се зголемија во текот на последните пет години.

„Индустриското загадување не смее да стане профитабилен бизнис за водоводните компании. Загадувачите мора да сносат одговорност и да платат за тоа, наместо трошоците и последиците да ги префрлаат на други,“ изјави официјалната претставничка на организацијата River Action, Ејми Ферман.

Портпаролот на Министерството за животна средина, храна и рурални прашања (DEFRA) изјави дека водоводните компании никогаш не би требало да остваруваат профит од загадување. „Знаеме дека секторот за водоснабдување и одведување на отпадни води веќе предолго не работи во јавен интерес и затоа спроведуваме реформи, вклучително и начинот на кој се одлагаат отпадните води,“ додаде портпаролот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи