Почетна
Македонија

Бројот на невработени паѓа на 90.020 во вториот квартал, стапката останува 11,3%

Според вториот квартал има 90.020 невработени, но стапката останува 11,3%; експертите посочуваат иселување, демографски тенденции и борба со сивата економија.

·Македонија
Бројот на невработени паѓа на 90.020 во вториот квартал, стапката останува 11,3%

Бројот на регистрирани невработени се намалува, но стапката на невработеност останува иста. Според податоците на Државниот завод за статистика, во вториот квартал годинава имало 90.020 невработени, што е намалување од 1.357 лица во однос на истиот период лани, додека стапката на невработеност останува на 11,3%.

Економистите оценуваат дека намалувањето на апсолутниот број на невработени доаѓа од неекономски и структурни причини: иселување на младата работна сила, намален природен прираст и активности насочени кон сузбивање на сивата економија.

Економистот Абил Бауш предупредува дека падот на бројот на невработени не значи автоматски и економски раст заснован на продуктивност. „Сето тоа влегува во таа компонента на намалување на невработеноста, Ние сепак уште не сме стигнале на таа природна невработеност која ја имаат другите држави но тоа не значи дека апсолутно ќе имаме одеднаш некој економски раст. Нашите политики, нашата економија не се базира на продуктивност, која ќе се базира на креативност, на конкурентност, на пронаоѓање на нови пазари на нашите компании кои би конкурирале со нашата работна сила преку таа иновативност, конкурентност итн. Значи, тука е најголемиот проблем, да, се намалува невработеноста, што е добра вест, но негативно е тоа што немаме некоја продуктивност која што би го зголемила бруто домашниот производ“, вели економистот Абил Бауш.

Демографија и промени во структурата на вработеноста

Статистиката покажува дека работоспособното население во најпродуктивната група од 25 до 49 години се намалило за 1,2%, додека бројот на вработени на возраст над 65 години е во пораст од 2,7%. Овие поместувања ја засилуваат тезата дека намалувањето на невработеноста има силен демографски и социјален аспект.

Бауш додава дека административните процедури и мерките за сива економија можат да ја намалат регистрираната бројка на невработени без да значат зголемена активност на пазарот на труд. „Да, имаме намалување на невработеноста, но тоа претежно е социјална компонента. Едно е затоа што имаме ние драстично мигрирање на онаа витална работна сила бидејќи наоѓа поатрактивни и подобри работни места. Од друга страна таа сива економија гледаме дека некако се обидуваат преку новите процедури што ги прави државните институции да го стават во некое намалување таа бројка на невработеноста кај нас. Ако на некои невработени им даваме само здравствено осигуруваљње, значи, тие не се активни баратели на работа и одма автоматски се намалува невработеноста“, вели економистот Абил Бауш.

Премиерот Мицкоски го истакна владиниот биланс за создадени работни места и потенцијалот на технолошкиот сектор да привлече назад иселени млади. „О ваа Влада, во изминатите две години, почнувајќи од третиот квартал во 2024 година, завршувајќи со вториот квартал од оваа 2026 година, има креирано нови 17.000 работни места. Од 691.000 вработени до 708.000 вработени. Ако тоа го преточите во бројки ќе сфатите дека претходната влада за седум години нема отворено толку нови работни места, а со оваа индустрија за која што досега зборував (дата центрите) и придружната индустрија која ќе ја сервисира оваа индустрија, јас очекувам голем дел од нашите, посебно млади, кои што се наоѓаат надвор од Македонија да се вратат дома и токму тука и да го продолжат животот со своите семејства. Бидејќи од она што можам да го видам, а посебно во западна Европа состојбата таму не е онаква како што беше пред 5 или 10 години “, рече премиерот Мицкоски.

Невработеноста од 11,3% во земјава е речиси двојно повисока од просекот во Европската Унија, кој изнесува 6%. Меѓу членките на ЕУ, највисока невработеност над 10% имаат Финска и Шпанија, додека најниска стапка, меѓу 3% и 3,5%, се бележи во Бугарија, Чешка, Кипар, Малта и Полска.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи