Бучава и вознемиреност поради градежни активности на „Адолф Циборовски“
Соседите алармираат на долготрајна бучава и загриженост за безбедноста; инвеститорот тврди дека има регуларна дозвола.

Жителите на улицата „Адолф Циборовски“ ја опишуваат бучавата и вибрациите од ископните работи во нивна непосредна близина како неподносливи – „Како да сме во постојан земјотрес.“
Соседите велат дека бучавата трае со денови и дека се загрижени за безбедноста на објектите кои се наоѓаат покрај градилиштето. Дел од жителите веќе се обратиле до надлежните институции и побарале излез на терен за да се проверат дали инвеститорот ги почитува градежните стандарди.
„Работат до пет попладне, тропаат, многу се слуша и зградата се тресе. Секој ден копаат, освен во недела. Почнаа пред десетина дена. Од зградата се јавуваат секој ден поради бучавата“, вели еден од жителите. „Ова е втора недела. Доаѓаа и за да имаме улично осветлување“, додава друг жител.
Инвеститорот се извини и тврди дека има дозвола
На локацијата не беше поставена информативна табла со податоци за градбата, но на терен беше затекнат инвеститорот, кој им се извини на жителите и рече дека дел од реакциите на социјалните мрежи се преувеличани.
„Јас, како затекнат од поплаките на граѓаните и соседите кои живеат тука, им се извинувам за бучавата и проблемите што сме им ги предизвикале во изминативе три дена. Меѓутоа, како и секаде, мора и тука да се гради, бидејќи имаме регуларна дозвола за градење и ги почитуваме сите стандарди. Сега градилиштето ќе се огради. Се работи за три дена. Има поголеми реакции одошто треба на социјалните мрежи“, изјави Селатин Ифтаровски, инвеститор.
Од Општина Центар не одговорија конкретно дали инспекторите излегле на терен, но соопштија дека под контрола се сите локации каде што се изведуваат градежни активности. Детали за ископот на улицата „Адолф Циборовски“ најавија за утре.
Фото: прес-материјал од настанот


