Почетна
Македонија

Буџетот преминува од развоен во социјален

Владиниот предлог ги намалува приходите и расходите за по 86 милиони евра, додека дефицитот останува 750 милиони евра.

·Македонија
Буџетот преминува од развоен во социјален

Вториот ребаланс на буџетот, донесен само три месеца по претходниот, ја менува поделбата на јавните расходи — од развојни проекти кон социјални потреби — додека дефицитот останува непроменет.

Во собранска процедура влегува предлог што ги намалува и приходите и расходите за по 86 милиони евра, оставјaјќи ја буџетската дупка на 750 милиони евра или 4,1 отсто од БДП. Капиталните инвестиции се скратуваат за 90 милиони евра и ќе изнесуваат скоро 670 милиони евра.

Причини и реакции

Министерката Гордана Димитриеска – Кочоска соопшти дека приходите од акцизи се намалени за 60 милиони евра поради владините мерки за намалување на акцизите за горивата и дека ребалансот има за цел проекциите да се усогласат со реалните економски движења кои се под притисок на глобалните тензии.

Дел од експертите го нарекуваат чекорот резултат на лоша планираност. „Не може да не може да ги предвидиш расходите во јуни до септември и октомври. Не може да не знаеш дека ќе нема толкави капитални инвестиции. Ќе нема, меѓутоа кога во политичката реторика на партиите, а кај партијата на власт еклатантно, термините како „раст на БДП мерен преку ставката на растот на БДП“, „капитални инвестиции кои што значеле развој“, капитални инвестиции се патишта и слично во реториката на политичарите, што нема врска со реалноста, меѓутоа политички така се прави. Сега рацете на министерката и се врзани, мора да покаже одговорност, мора да покаже капитални инвестиции, а мора да ја нахрани социјалата, пензионерите, а со буџетот не ѝ стигаат парите и таа мора да прави таква евтина детска буџетска гимнастика, изјави универзитетскиот професор Ванчо Узунов .

Со претходниот ребаланс во јули, буџетската дупка беше продлабочена за околу 100 милиони евра за да се овозможат повеќе пари за капитални инвестиции. Сега, дупката останува, но капиталните инвестиции се кратат.

„Ние за 10 месеци практично имаме четири буџети. Кон крајот на минатата година беше изгласан основниот буџет за 2026 година, во јули првиот ребаланс, сега се дебатира за вториот ребаланс, а веќе во процедура е и за 10-тина дена треба законски да биде испорачан буџетот за наредната година. Плус, до крајот на годината може да дојде до нова прераспределба“, вели економскиот новинар Мирче Јовановски .

Проекцијата за раст останува 3,5 отсто, а за инфлацијата 3,8 отсто. Предвидено е во државната каса да се соберат скоро 6,1 милијарди евра, а да се потрошат над 6,84 милијарди евра.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи