Почетна
Македонија

Царината: 69 350 000 парчиња цигари нелегално пуштени преку ГП „Богородица“

Акцијата „Филтер“ откри седум случаи на шверц и доведе до приведување на 13 лица и кривични пријави.

·Македонија
Царината: 69 350 000 парчиња цигари нелегално пуштени преку ГП „Богородица“

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, соопшти дека во акцијата со кодно име „Филтер“ е разбиена организирана група за шверц и дека во земјата нелегално биле пуштени во промет речиси 70 милиони парчиња цигари. Во рамки на истрагата се откриени седум случаи на незаконски увоз и распоредување на тутунски производи.

Нелегален влез преку Богородица, празни приколки преку Табановце

Николовски кажа дека во четири од случаите шлеперите со цигари влегувале преку граничниот премин „Богородица“, без нивното влегување воопшто да биде евидентирано од страна на царинските и полициските службеници. Во останатите три случаи шлеперите влегувале во земјава преку истиот премин во транзитна постапка: два со крајна дестинација за Молдавија и еден за Србија, но цигарите биле нелегално истоварени на територијата на Република Македонија, по што празните шлепери ја напуштиле државата преку ГП „Табановце“.

„Наместо транзитот да биде реализиран согласно со царинските прописи, цигарите биле нелегално истоварени на територијата на Република Македонија по што шлеперите ја напуштиле државата преку граничен премин 'Табановце' празни, а во царинскиот систем биле заведени како полни", рече директорот на Царина на денешната прес-конференција.

Според податоците што ги презентира Николовски, вкупната количина на цигари нелегално пуштени во промет во сите седум случаи изнесува 69 350 000 парчиња, а причинетата штета за државниот буџет е над 6,1 милиони евра.

Во овој предмет поднесени се кривични пријави против три правни и 18 физички лица, меѓу кои четворица царински и тројца полициски службеници, како и една шпедиција, една транспортна и една увозна компанија.

Утрово беа извршени претреси на 23 локации низ земјата и се приведени 13 лица: четворица цариници, двајца полицајци, двајца возачи и пет други физички лица. Со три лица кои во моментов се надвор од земјата е остварен контакт и се очекува да се пријават по враќањето. Истражните дејства продолжуваат и, како што рече Николовски, се очекува бројот на опфатени лица да се зголеми.

„За Царинската управа нема и нема да има недопирливи. Секој за кого ќе се утврди дека ги прекршил законите или ги злоупотребил службените овластувања, ќе биде предмет на соодветна постапка пред надлежните институции, без оглед дали станува збор за економски оператор, физичко лице, а особено службено лице", порача Николовски, нагласувајќи дека контролите и натаму ќе продолжат без исклучоци.

Фото: МИА

Поврзани написи