Цела ноќ се гаснеше огнот во прилепско Чаниште, изгореа неколку стари куќи
Пожарот во прилепско Чаниште изгоре неколку стари куќи, но засега нема загрозени населени домови.

Тим од доброволци на Дирекцијата за заштита и спасување цела ноќ работеше на гаснење на пожар во атарот на прилепското село Чаниште, каде огнот се разви на два крака.
Последната информација од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) е дека во селото не е изгорена ниту една населена куќа и дека сите жители синоќа останале во своите домови.
Изгореа неколку стари куќи, нема повредени
Пожарот опожари неколку стари, напуштени куќи или објекти во кои сопствениците престојувале повремено. Нема пријави за повредени лица.
Во последните 24 часа, Центарот за управување со кризи (ЦУК) регистрира 29 пожари на отворен простор: шест се активни, еден е ставен под контрола, а 22 се целосно изгаснати.
Активни пожари се пријавени во Општина Студеничани, во близина на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер; во Општина Македонски Брод, во месноста Видуш и во селата Драгов Дол, Локвица и Девич; како и на подрачјето на Велес и Зелениково, во близина на селата С’лп, Горно Село, Карабуниште, Бузалково, Добрино и Тисовица.
Дополнителни активни пожари се регистрирани во општините Јегуновце и Сарај, кај селата Копанце, Туденце и Бојане, како и во Општина Прилеп, кај селото Чаниште, и во Општина Долнени, кај селата Вранче и Бело Поле. Пожарот на депонијата во Делчево е ставен под контрола.
Фото: ДЗС