Почетна
Политика

Цена 20% под пазарната и ослободување од комуналии – Мицкоски најави два закони за парови до 35

Едниот предвидува 20% попуст во однос на просечната пазарна цена по катастарска општина, другиот – ослободување од комуналии при градба.

·Политика
Цена 20% под пазарната и ослободување од комуналии – Мицкоски најави два закони за парови до 35

При посетата на Општина Бутел, премиерот Христијан Мицкоски најави два специјални закона со кои државата ќе им помогне на млади брачни парови до 35 години да дојдат до свое домување. Едниот предвидува намалување на цената на становите според локалниот пазар, а другиот ослободување од општински комуналии при изградба на куќа.

Како ќе се пресметува попустот и кои податоци ќе се користат

„Со првиот закон, брачните парови до 35 години ќе добијат право да добијат станбен простор кој што ќе биде по цена од 20 отсто пониска од онаа просечната, пазарната, во односната катастарска општина во претходната година“, рече Мицкоски. Според него, целта е поддршката да се поврзе со реалните пазарни услови во секоја катастарска општина.

Премиерот потсети дека утрово имал разговор со директорот на Катастар. „Денеска очекувам да ја добијам анализата од Катастар за првите три квартали од годината и ќе можеме јавно да објавиме каква е состојбата со катастарските општини, онаму каде што има продадено новоградба на станбени единици и од тоа же можат оние кои што ги исполнуваат условите, согласно критериумот, да си прават калкулации, планови, итн. Тоа ќе биде специјален закон кој што наскоро ќе се најде пред пратениците,“ додаде Мицкоски.

За вториот закон, премиерот објасни дека општините нема да наплатуваат комуналии при изградба на куќа за овој профил на брачни парови. „Вториот специјален закон е оној закон во кој што општините на овој профил брачни парови нема да наплатат комуналии за изградба на куќа,“ рече тој.

На крајот од изјавата, Мицкоски изрази уверување дека предложените мерки ќе дадат резултат и ќе ја олеснат постапката на домување за младите брачни парови. "Убеден сум дека овие два закона, овие две мерки ќе вродат со плод и ќе се интензивира и олесни домувањето кај овој профил на брачни парови", додаде Мицкоски.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи