Центар доби хуманитарна паркинг-зона H: парите од паркирањето ќе одат за помош
Посебно обележани паркинг-места кај Националната арена „Тодор Проески“ ќе генерираат средства за помош преку Црвениот крст.

Денеска, 19 ноември, Центар доби нова хуманитарна опција за паркирање: посебно обележаната Зона H, каде средствата од наплатата ќе се наменуваат исклучиво за хуманитарни цели преку соработка со Црвениот крст – Општинска организација Центар.
Иницијативата ја реализира Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ во партнерство со Општина Центар и Црвениот крст – Општинска организација Центар. На отворањето присуствуваа директорот на претпријатието Душко Коцевски, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и секретарот на Црвениот крст Валентина Колеска.
Локација, обележување и упатства
Првата локација на Зона H е на предната страна на Националната арена „Тодор Проески“, во секторот „Парк“ на паркинзите на општината. Паркинг-местата се обележани со црвена и бела боја и имаат соодветна сигнализација; граѓаните треба да ги следат истакнатите упатства за пријавување и плаќање при користењето на Зона H.
Директорот Душко Коцевски порачa: "За ЈП 'Паркинзи на Општина Центар' ова е практичен начин јавната услуга што ја даваме да ја поврземе со грижата за заедницата. Во соработка со Црвен крст – Општинска организација Центар и со поддршка на Општина Центар, сакаме да обезбедиме дополнителна помош за нашите сограѓани. Ги повикувам граѓаните да ја поддржат хуманитарната зона H и преку користењето на овие паркинг-места да се вклучат во помошта за оние на кои им е најпотребна."
Градоначалникот Горан Герасимовски оцени дека зоната е дел од последните измени во системот за паркирање, кои имаат за цел поправична распределба и порационално користење на просторот: "Со отворањето на хуманитарната зона H, на граѓаните им овозможуваме преку една секојдневна услуга да придонесат за хуманитарни цели. Ова е една од новините воведени со последните измени на системот на паркирање, со кои се стремиме кон поправична распределба и порационално користење на паркинг-просторот, а воедно внесуваме и хумана димензија во паркирањето. Со секое платено паркирање на овие места, придонесуваме за посолидарен Центар во кој се грижиме едни за други."
Од претпријатието најавуваат дека Зона H ќе биде проширувана и на други локации во наредниот период. На овој начин, секое користење на посебно обележаните паркинг-места станува можност за поддршка на хуманитарни активности и помош за лица и семејства во потреба.
Фото: Eva Rinaldi / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)


