Чешка се нуди за помош за решавање на спорот со Бугарија
Прага предлага посредување за да се најде решение прифатливо за двете страни и да се овозможи напредок во пристапот кон ЕУ

Чешка се понуди да помогне во надминувањето на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија и да ја откачи евроинтеграцијата на земјата, изјави денеска чешкиот министер за надворешни работи, Петр Мацинка, кој беше во официјална посета на Охрид.
Мацинка нагласи дека Европската Унија има голем интерес за проширување и дека Чешка е подготвена да помогне да се најде решение прифатливо за двете страни кое ќе овозможи напредок во пристапните преговори.
Меѓународен карактер по заклучоците од 2022
„Тоа веќе не е билатерално прашање меѓу Северна Македонија и Бугарија, туку, врз основа на заклучоците на Европскиот совет од 2022 година, стана мултилатерално прашање. Значи, повеќе не е прашање само на две земји, туку на сите земји-членки на ЕУ“, порача Мацинка.
Шефот на чешката дипломатија, исто така, ја истакна важноста на механизамот за носење одлуки во Унијата, вклучително и едногласноста при прашања за проширување. Тој рече дека Чешка не поддржува промена на системот за да се решуваат одредени прашања со квалификувано мнозинство, ниту намалување на кругот прашања за кои е потребна едногласност, и затоа смета дека е неопходно да се постигне консензус.
Мацинка даде и информација дека чешкиот премиер Андреј Бабиш во наредните недели би требало да ја посети Бугарија, при што едно од прашањата на дневен ред ќе бидат македонско-бугарските односи.
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, по најавата, рече дека земјата останува посветена на барање решение, но го повтори ставот за црвените линии. „За прашања поврзани со историја, јазик, идентитет и култура не сме подготвени да преговораме. Прво, бидејќи сметаме дека тоа ги нарушува нашите права, па дури и основни човекови права, како луѓе и како граѓани на оваа земја, но, исто така, бидејќи сметаме дека прашањата од таква природа не се европска вредност или критериум, туку се суверени права на секоја земја, вклучително и суверени права на земјите-членки на ЕУ“, изјави Муцунски.
Муцунски додаде дека Северна Македонија не бара привилегии, туку фер и европски процес: државата е подготвена да ги спроведе реформите и да ги исполни европските стандарди, а напредокот да се вреднува врз основа на резултати, заслуги и однапред утврдени критериуми, а не врз билатерални теми.
Фото: прес-материјал од настанот