Почетна
Македонија

Четири денари за килограм — преспанските овоштари не го берат јаболкото

Откупната цена од 4 денари за индустриско јаболко не ги покрива трошоците за берба; намален род и неисплатени субвенции ја отежнуваат ситуацијата.

·Македонија
Четири денари за килограм — преспанските овоштари не го берат јаболкото

Овоштари од Преспа не го започнуваат масовно бербата откако откупната цена за индустриско јаболко е само 4 денари за килограм — според производителите, толку ниска откупна цена не ги покрива ни трошоците за берба.

Производителите пресметуваат дека за да ја платат дневницата на еден надничар треба да продадат околу 750 килограми јаболка; во исто време, еден работник бара околу 50 евра дневно. "Цената на индустриското јаболко е 4 денари, а еден работник бара 50 евра. Со јаболката што ќе ги собереме не можеме да ги платиме работниците. Никој не предава јаболка. Ниска е цената и на конзумното јаболко, 15 денари. Лани индустриското се откупуваше по 10-11 денари, а конзумното 25-30 денари. Годинава цената е катастрофална , вели Кире Карапалевски, овоштар.

Што предизвика пад на родот и цените?

Овоштарите посочуваат дека родот годинава е значително намален: доцните пролетни мразеви уништија дел од насадите, а потоа производството дополнително беше погодено од врнежите од град. Се очекува реколтата да тежи едвај 50 до 60 илјади тони.

Дополнителен товар за производителите се и неисплатените субвенции за килограм јаболко од 2024 година, кои сè уште не стигнале на сметките на земјоделците. "Почетната цена од 4 денари не ги исполнува очкувањата на производителите, нас ние потребана поддршка од државата доколку остане цената на ова ниво, вели Љубе Пампуевски, овоштар.

На стартот на јаболкоберот, министерот за земјоделство Борче Серафимовски порача дека пласманот на преспанското јаболко е заедничка одговорност и најави поголема сигурност за производителите преку договорен откуп, јасни правила и навремена исплата. Сепак, овоштари велат дека откупот сè уште не е отпочнат и индустриското јаболко се плаќа 4 денари за килограм.

Како јасен сигнал, повеќето производители решија да не предаваат јаболка на откуп за да го покажат притисокот од ниските цени и неисплатените субвенции. "Дојдоа за јаболкоберот, го одржаа, се сликаа, не кажаа ништо. Сите овоштари ги чекаа да кажат нешто за тие два денари субвенции за килограм јаболко. Не знам како ќе се издржи оваа берба без исплатени субвенции , вели Карапалевски.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи