Повик од Штип: Поголема државна грижа за Македонците во соседството
На триесетата семакедонска средба учесници побараа реакција од властите за заштита на идентитетот и критикуваа активности во Мала Преспа.

Учесници на годишната семакедонска средба во Штип упатија повик до државните институции за поголема грижа за Македонците кои живеат во соседните земји, посочувајќи на последните, како што велат, активности што го загрозуваат локалниот идентитет во Мала Преспа, Албанија.
Повик за реакција и заштита на идентитетот
Едмонд Темелко, македонски политичар кој дејствува во Албанија, предупреди дека одредени бугарски здруженија преку хуманитарни активности се обидуваат да ја преобликуваат ситуацијата на терен. Тој посочи дека доаѓаат доктори од Бугарија кои вршат бесплатни прегледи, а по тоа ги прикажуваат акциите како помош за бугарско население во Мала Преспа.
„Сега последно гледаме дека си играт и го злоупотребуват дури и здравјето на луѓето. Доаѓаат доктори од Бугарија, прават бесплатни прегледи , а потоа го прикажуваат како хуманитарни акции кај бугарското население во Мала Преспа. Реално таму нема Бугари, освен Македонци. Ние знаеме што сме и не треба никој од страна да ни кажува“, рече Едмонд Темелко.
На средбата беше истакната и очекувањето наскоро да се отвори консулат во Корча, кој би обезбедил дополнителна поддршка за македонската заедница во Албанија.
Архимандритот Никодим Царкњас повика македонските власти да го стават прашањето во постојан фокус на дипломатско‑политичко ниво. Тој оцени дека потребно е внимание не само од амбасадите во Скопје, туку и од врвот на државата.
„Нашето прашање треба секогаш да го споменуваат. Во Скопје има амбасадори американски, секакви, француски, секакви од Европа. Е треба и премиерот и претседателката да ги повикуваат или да се најдат што се прават со нашите Македонци во егејскиот и во пиринскиот“, рече Никодим Царкњас.
Семакедонската средба во Штип се организира веќе 30 години и има за цел зачувување на македонскиот идентитет и поврзување на Македонците кои живеат во Грција, Бугарија и Албанија.
Фото: прес-материјал од настанот


