Четврта жртва од западнонилска треска — пациентот лекуван 27 дена на Инфективна
Директорот Фадил Цана: пациентот имал тешка невроинвазивна форма и придружни заболувања; 20 хоспитализирани, пет на интензивна нега.

Четврти смртен случај од западнонилска треска е регистриран во земјава, со што вкупниот број на починати од заразата достигна четири лица.
Последниот починат е 76-годишен пациент кој се лекувал на Клиниката за инфективни болести 27 дена. Директорот на Клиниката, Фадил Цана, изјави дека и покрај напорите на медицинскиот тим, пациентот починал поради дополнителни сериозни придружни заболувања и тешка невроинвазивна форма на воспаление на мозокот и мозочната обвивка.
Бројки и клиничка слика
Во моментот на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 20 пациенти со западнонилска треска: 18 се лабораториски потврдени случаи, а два се водат клинички како суспектни. На интензивна нега се пет пациенти со потешка клиничка слика и кај нив се применуваат сите клинички протоколи за лекување.
„Тоа што и ние како клиничари го предвидувавме со вчерашниот ден се потврди дека кај 25-годишната пациентка која се водеше како клинички суспектна, се потврди невроинвазивна форма на инфекција. Но, во меѓувреме синоќа е хоспиталзииран и 24-годишен пациент, кој се води како суспектен случај и во текот на денешниот или утрешниот ден ќе знаеме дали ќе се потврди клиничката дијагноза. Тој живее во Центар“, изјави Цана.
Цана нагласи дека невроинвазивната форма мора да се лекува болнички: „Сите кои се хоспитализирани на клиниката се со невроинвазивна форма. Тие се еден процент од 100 отсто заболени. Според статистиката, најтешка форма на болеста развиваат еден отсто од вкупниот број инфицирани. Сите пациенти се од Скопје. Медицински напреднатата возраст е независен ризик фактор за лошиот исход на оваа болест. Според сите статистики и истражувања досега е утврдено дека кога има тешка невроинвазивна форма на воспаление на мозокот и мозочната обвивка напредната возраст е независен ризик фактор кој може да доведе до лош исход“.
Досега 15 пациенти се излекувани и отпуштени од Клиниката за инфективни болести.
На вчерашната прес-конференција здравствените власти посочија дека сите инфективни одделенија, матични лекари и невролози се известени и координирано постапуваат за откривање и третман на евентуални случаи. Мерките вклучуваат таргетирано прскање од земја. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека вечерва ќе се изврши 13-тата дезинсекција против комарци за оваа сезона во подрачјето на градот.
Фото: прес-материјал од настанот