Се зголемува бројот на предвремено родени бебиња
Клиниката во Скопје набави инкубатори и испрати кадар на обука, но предупредува за ризиците од повозрасно мајчинство и недостиг на сестри.

Секојдневно расте бројот на предвремено родени бебиња, велат лекари, а едно од најмалите што е пријавено тежело само 715 грама и дошло на свет пред да се комплетираат седум месеци од бременоста.
Неонатолошките тимови на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство користат модерна опрема за нега на овие најслаби пациенти. „Минатата година беа набавени голем број на инкубатори. Шест со донација, а седум купени. Две од нашите докторки од неонатологија беа испратени во Клиничка болница Љубљана за да го усовршат своето знаење“, рече Ирена Алексиоска Папестиев, Директорка на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.
Што покажуваат бројките
Од почетокот на оваа година до крајот на октомври регистрирани се 610 предвремени породувања, а 400 од нив биле лекувани на Клиниката за гинекологија. Во моментов во клиниката се хоспитализирани 43 новороденчиња.
Лекарите посочуваат неколку фактори кои го зголемуваат ризикот од компликации и предвремено раѓање. Мајчинството во повозрасни години е еден од клучните ризици, а кај дел од родилките бременоста се случува во период кога веќе постојат сериозни здравствени заболувања, што ја зголемува опасноста и за мајката и за бебето.
Според лекарите, редовните гинеколошки прегледи и превенцијата на ризичните фактори се најважни за да се намалат предвремените породувања. „Грижата за потомството започнува уште од тинејџерските години. За некоја родилка да има добра бременост прво треба да го промени стилот на живеење. Не треба да се менуваат многу партнери, треба да се користи заштита и да има сексуално образование“, рече Елизабета Петковска, интензивна нега на Клиниката за гинекологија.
Покрај техничките напредоци и обуките, клиниката се соочува со недостиг на медицински сестри кои се неопходни за секојдневната нега на новороденчињата, но лекарите забележуваат и пад на смртноста меѓу најмалите пациенти.
Фото: прес-материјал од настанот


