Почетна
Свет

Црна Гора и Исланд можат истовремено да влезат во ЕУ

Ако Исланѓаните на 29 август поддржат повторно отворање на преговорите, ЕУ претставници велат дека Исланд може брзо да напредува и дека е можно заедничко пристапување со Црна Гора.

·Свет
Црна Гора и Исланд можат истовремено да влезат во ЕУ

Исланд и Црна Гора би можеле истовремено да станат членки на Европската Унија доколку Исланѓаните на референдумот на 29 август се изјаснат за повторно отворање на преговорите за членство.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека Исланд е „посебен случај“ бидејќи веќе припаѓа на Европскиот економски простор и на Шенген зоната, што може значително да го забрза патот кон членство. Таа додаде дека доколку граѓаните дадат поддршка за продолжување на преговорите, земјата би можела да го заврши патот кон членство за "една до две години."

Црна Гора со напредок во преговорите

Висок претставник на Европската комисија вклучен во процесот на проширување оцени дека Исланд би можел брзо да ја стигне Црна Гора, која затворила повеќе од половина од 33-те преговарачки поглавја и има амбиција да стане членка во 2028 година. Друг претставник од Комисијата рече дека постои голема можност за заеднички пакет Црна Гора–Исланд, со кој земјите членки би го ратификувале пристапувањето на двете држави.

Според тој претставник, Исланд како богата земја би бил нето-уплаќач во буџетот на ЕУ, додека Црна Гора би била меѓу најсиромашните членки. Црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ изјави дека Подгорица со задоволство ќе ја поврзе својата кандидатура со Рејкјавик, а исландската министерка за надворешни работи Торгердур Катрин Гунарсдотир оцени дека заедничкото пристапување е „апсолутно“ можно.

Кос истакна дека ЕУ е подготвена да биде „креативна“ во преговорите со Исланд, особено по прашањата поврзани со риболовот и земјоделието. Исланд ги замрзна преговорите со ЕУ во 2013 година, делумно поради спорот со Брисел околу риболовните права.

Доколку преговорите повторно почнат и бидат успешно завршени, земјата ќе треба да одржи уште еден референдум на кој граѓаните ќе одлучуваат за самото членство во ЕУ. Последните истражувања покажуваат дека Исланѓаните се поделени околу повторното отворање на преговорите.

Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Поврзани написи