ЦУК: Пожарот кај Церово се следи, сите расположливи екипи ангажирани
ЦУК и ТППЕ Тетово соопштија дека сите расположливи сили се на терен и дека состојбата се следи.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово информираат дека противпожарните екипи интензивно дејствуваат за локализирање и ставање под контрола на пожарот што избувна во околината на селото Церово.
На терен присутни раководството и сите расположливи сили
На самиот терен се присутни директорот на ЦУК, Мухамед Али, и командантот на ТППЕ Тетово, Авни Ахмети, кои директно ја координираат акцијата за спречување на понатамошното ширење на огнената стихија.
Од ЦУК велат дека противпожарните екипи дејствуваат со максимален капацитет за да се спречи пожарот да зафати поголема површина и дека целта е тој што поскоро да биде ставен под контрола.
Поради зголемениот ризик од пожари, Центарот упати апел до граѓаните за поголема внимателност и одговорно однесување при престој и движење на отворен простор.
Од ЦУК попладнево информираа дека од 14 пожари на отворено, осум сè уште се активни. Во нивниот извештај беше наведено дека пожарот кај селото Церово е изгаснат.
Властите соопштија дека ќе продолжат со внимателно следење на состојбата и ќе ги држат распоредените екипи подготвени за интервенирање при евентуални повторни жаришта.
Фото: прес-материјал од настанот