Да се подигне свеста: Лекари апелираат за вакцинација против морбили
Лекарите нагласуваат дека само 60% од децата се вакцинирани и ги повикуваат родителите да ги надоместат пропуштените МРП дози по потврдени пет случаи.

Педијатрите на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ предупредуваат дека морбилите остануваат загрижувачки проблем во земјата, особено откако само 60% од децата се вакцинирани. Во исто време расте бројот на респираторни инфекции и амбулантски прегледи кај децата.
Што препорачуваат лекарите
„Сакаме да ги замолиме родителите, и државата прави напор со отворање на дополнителен пункт за вакцинација втора смена во Полилкиника „Ѓорче Петров“, сите родители кои што сакаат да ги носат своите деца и треба да ги однесат своите деца за да ги заштитат од таа инфекција. При вакцинирање се заштитени. Многу е важно да бидат комплетно вакцинирани, не само една доза, туку да имаат и втора доза примено за децата да бидат заштитени“, изјава прим. д-р Олга Спасова, Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“.
Лекарите предупредуваат дека нискиот процент на вакцинирани може да овозможи ширење на морбилите. „Родителите имаат загриженост, разбираме дека се загрижени. Но, таа загриженост не е базирана на медицина на докази. Медицината потврдува дека вакцината е единствен начин да се спречи ширењето на морбили и да се заштитат децата“, додава прим. д-р Олга Спасова.
Спасова советува дека ако родителите забележат осип кој наликува на морбили, најпрво да се консултираат со матичниот лекар, па потоа да дојдат на преглед ако им биде побарано. Здравствените установи информираат дека располагаат со доволно количества вакцини.
Досега во Македонија се потврдени пет случаи на морбили. Институтот за јавно здравје постојано апелира до сите родители чиј деца не ја примиле МРП вакцината согласно Националниот календар за имунизација да ги посетат вакциналните пунктови и да ја надоместат пропуштената доза.
За полесен пристап до имунизирање, надлежните отвориле дополнителни точки за вакцинација, вклучувајќи втора смена во Поликлиника „Ѓорче Петров“, со цел децата да ја примат потребната втора доза и да се намали ризикот од понатамошно ширење.
Фото: прес-материјал од настанот


