АХВ почна дистрибуцијата на 400.000 дози вакцина против сипаници кај овци и кози
Вакцините се донација од ЕУ; првата и втората фаза опфаќаат 1.859 и 1.558 стада.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) започна со дистрибуција до ветеринарните друштва на обезбедените 400.000 дози од вакцините против болеста кај овци и кози.
Вакцините се од турско производство и се обезбедени како донација од Европската унија. Лабораториските испитувања спроведени во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина ја потврдија нивната микробиолошка исправност и јачина и ги оцениле како една од најдобрите вакцини за заштита на добитокот од оваа болест.
План со фази и опфат
Согласно одобрениот План за вакцинација од ЕУ, од среда се очекува да почне и аплицирањето на вакцината на терен. Со вакцинацијата ќе бидат опфатени 3.417 стада и 438.042 животни во осумте региони.
Првата фаза ги опфаќа Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и Североисточниот регион каде се евидентирани 1.859 стада со 193.527 животни. Втората фаза ги опфаќа Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот регион со 1.558 стада и 244.515 животни.
Во третата фаза ќе се изврши дополнителна вакцинација за да се обезбеди највисок можен опфат на целната популација животни. Таа ќе вклучува јагниња и јариња кои ја достигнале минималната возраст за вакцинација по завршување на првата и втората фаза; животни чија вакцинација е привремено одложена поради клиничка состојба или ветеринарна проценка; бремени и животни во постпарталниот период за кои вакцинацијата е одложена по документирана проценка на ризик–бенефит. Исто така, ќе бидат опфатени фарми недостапни за време на почетната кампања и фарми каде вакцинацијата е одложена поради сомнение за инфекција, под услов надлежниот официјален ветеринар да ја одобри вакцинацијата. Кампањата ќе ги опфати клинички здравите овци и кози од целната популација, јагниња и јариња кои ја достигнале минималната возраст за вакцинација и животни кои не се исклучени од вакцинација според упатството за употреба на специфичниот ветеринарно-медицински препарат.
Од почетокот на годината досега АХВ има евидентирано 115 жаришта на болеста. Во овој период од болеста угинати се 875 животни, а 9.359 животни се безбедно одстранети.
Фото: прес-материјал од настанот


