Почетна
Македонија

Злоупотреба при јавните набавки — ново дело во Кривичен со казни до 15 години затвор

Нацрт‑Кривичен законик предвидува ново дело за злоупотреби при јавни набавки и ги скратува најтешките казни од 20 на 15 години во одредени случаи.

·Македонија
Злоупотреба при јавните набавки — ново дело во Кривичен со казни до 15 години затвор

Во новиот Кривичен законик е предвидено посебно кривично дело со наслов „Злоупотреба при јавни набавки или договори за јавно-приватно партнерство“, распоредено веднаш по одредбите за злоупотреба на службената положба и овластување.

Во претходниот закон, што важеше пред спорните измени од 2023 година, одредбата за злоупотреби поврзани со јавни набавки предвидуваше казна и до 20 години затвор. Во нацрт‑текстот на новиот законик највисоката казна се намалува на до 15 години ако е прибавена значителна имотна корист или е нанесена значителна штета. Како и во измените од јануари годинава, и новиот законик набројува конкретни постапки кои ќе се сметаат за злоупотреба при јавните набавки.

Предложен текст на член 461

„Службено лице или одговорно лице кое спротивно на закон ќе склучи договор за јавно-приватно партнерство или договор за концесија, или во постапката за јавни набавки ќе набави стоки, услуги или работи без да спроведе постапка за јавна набавка во случаите кога било должно да ја спроведе, направи измени на договорот или рамковната спогодба за време на нивната важност спротивно на закон над законски утврдениот вредносен праг, спротивно на законските услови направи измени на договорот или рамковната спогодба за време на нивната важност, ги одредува условите и другите елементи на јавната набавка спротивно на законските одредби за одредување на технички спецификации со намера да привилегира некој учесник во постапката за јавна набавка и со тоа за себе или за друг ќе прибави некаква корист или на друг ќе му нанесе штета“, се предлага да пишува во член 461 од нов Кривичен законик.

Во последниот извештај, Европската комисија констатира дека со измените од јануари се повторно е воведена одредба за злоупотреба при јавните набавки, но дека опсегот е значително потесен од оној што го опфаќаше стариот закон — покрива само два основа, што според ЕК е премалку за да ги опфати и другите сериозни процедурни манипулации во текот на тендерската постапка.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски изјави дека не го видел новиот Кривичен законик и дека се надева дека грешките направени пред неколку години ќе бидат исправени. Тој предупреди: „Како да царува неказнивоста во нашата држава, не смее да име недопирливи“.

Во нацрт‑текстот е вклучено и ново дело: „Загрозување на стабилноста на банкарскиот систем“. Новиот Кривичен законик и новиот Закон за кривична постапка од денеска се објавени на ЕНЕР, каде што може да се поднесуваат забелешки и коментари, а паралелно текстовите се под лупа и на Европската комисија која треба да даде мислење во рамки на Реформската агенда.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи