Почетна
Македонија

Министерството за правда ги испрати нацртите на Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка во Брисел

Двете нацрт-решенија, дел од Реформската агенда, содржат европски директиви и мерки за модернизација на кривичното право.

·Македонија
Министерството за правда ги испрати нацртите на Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка во Брисел

Министерството за правда ги достави Нацрт-кривичниот законик и Нацрт-законот за кривичната постапка до Европската комисија за мислење, што претставува нова фаза од опсежната реформа на казненото законодавство во земјата.

Новиот Кривичен законик, кој се подготвува по три децении, заедно со Законот за кривичната постапка треба да обезбедат поефикасно справување со криминалот и корупцијата, поправични судски постапки, поголема заштита на жртвите и повисока правна сигурност за граѓаните.

Процесот на подготвување и содржинските промени

Подготовката на новиот Кривичен законик започна во 2019 година, а работната група предводена од академик Владо Камбовски во периодот од 2020 до 2026 година спроведе широки консултации со претставници на правосудството, академската заедница, надлежните институции и граѓанските организации. Во предложениот текст се вградени 33 релевантни директиви на Европската Унија, а при консултациите беа разгледани повеќе од 50 мислења и предлози.

Паралелно, експертската работна група предводена од проф. д-р Гордана Лажетиќ, составена од 25 членови, ја заврши подготовката на Нацрт-законот за кривичната постапка во октомври 2026 година. Предлогот обезбедува усогласување со 25 релевантни европски директиви и стандарди и предвидува унапредување на конфискацијата, финансиските истраги, електронските докази, посебните истражни мерки, заштитата на жртвите и можноста за одржување рочишта и изведување докази на далечина.

Значајна поддршка при подготовката обезбедија меѓународните партнери, особено Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Со доставувањето на предлозите до Европската комисија, Министерството за правда ја продолжува реализацијата на обврските од Реформската агенда и процесот на усогласување на домашното законодавство со европското право.

Властите нагласуваат дека суштинската вредност на реформата ќе се мери преку нејзината примена: целта е да се создаде законска рамка која ќе овозможи ефикасни истраги, правични судски постапки и еднаква примена на законот, со конкретни резултати кои граѓаните ќе ги почувствуваат.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи