Од 15 ноември: задолжителна зимска опрема за сите возила
Правилата ги дефинираат минималните длабочини на шарата и обврската за синџири за снег кај различни типови возила.

Од 15 ноември стапува на сила законска обврска за задолжително поседување на зимска опрема во сите возила, која ќе важи до 15 март. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира возачите навреме да ги подготват автомобилите и да ја приспособат брзината на условите на патиштата, особено при снег, мраз и голомразица.
Каква опрема е задолжителна
За возилата со маса до 3.500 килограми, задолжителната зимска опрема подразбира зимски пневматици со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри или летни пневматици со иста длабочина на шарата и соодветни синџири за снег.
Кај возилата со погон на сите четири тркала задолжителни се зимски пневматици со шара од најмалку 6 милиметри или летни пневматици со најмалку 4 милиметри, заедно со соодветни синџири за снег. За потешките возила важат посебни правила.
РСБСП предупредува дека зимските услови го зголемуваат ризикот од сообраќајни незгоди поради лизгави коловози, намалена видливост и подолг пат на сопирање. На возачите им се препорачува да одржуваат безбедно растојание, да избегнуваат нагли маневри, да ја проверат техничката исправност на возилата и да не управуваат со нив доколку се под дејство на алкохол или се заморени.
Советот го упатува ова предупредување пред почетокот на зимската сезона со цел да се намалат несреќите и да се зголеми безбедноста на патиштата во периодот од 15 ноември до 15 март.
Фото: прес-материјал од настанот


