Ќе има ли одговорност за „Алта банка“?
Уставен судија и партии бараат истрага откако сопственикот на „Алта банка“ беше уапсен во Србија.

Повик за расчистување на одговорностите по апсењето во Србија на сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, додаде интензитет на полемиките околу начинот на кој банката влезе и работеше во земјата. Уставниот судија Осман Кадриу побара надлежните институции да ги утврдат оние кои дозволиле таков субјект да добие дозволи.
Кадриу предупреди дека ако е доведено во прашање тоа како депонентите ќе располагаат со своите влогови, тоа носи сериозни последици по правата на граѓаните. „Тогаш ако има последици без секое сомневање не може да остане без одговор и прашањето на одговорност. Органите кои се надлежни треба да ги утврдат носителите на тие одговорни лица или органи кои дозволиле да се отвори таква банка со такви елементи законити и незаконити, со такви средства, со таков капитал кои по основ на потеклото негово исто така има сомнежи“, изјави Кадриу.
Од СДСМ денеска побараа државниот јавен обвинител Ненад Савески да постапи по кривичните пријави поднесени против гувернерот на Народна банка, Трајко Славески, и други одговорни лица, велејќи дека треба да се преземат претпазливи мерки за да се спречи влијание врз сведоците и уништување на доказите. „Савески треба да преземе мерки на претпазливост, вклучително привремена забрана за вршење на должноста на Трајко Славески. Да се спречи влијание врз сведоците, уништување на документацијата и доказите. Во Србија секој ден има апсења. Обвинителството работи. Ги вади истрагите од фиока. Кај нас Мицкоски го копира Вучиќ и поднесува пријави против опозицијата за ширење паника“, изјави Фрчкоски.
Премиерот ги отфрла тврдењата за пропаѓање
Премиерот Христијан Мицкоски ги оспори тврдењата дека банката ќе пропадне и рече дека преземените активности ќе донесат нов сопственик на „Стопанска банка Битола“. „Тоа што го работиме и тоа што го сработивме изминатиов период ќе резултира со нов сопственик на „Стопанска банка Битола“ и дека сѐ ќе биде онака како што треба. Впрочем, доказ за тоа е и континуираното ослободување од, би рекол мерките коишто беа применети на самиот почеток. И дали имало или нема кеш, јас ве повикувам да појдете во некои од филијалите да ги прашате граѓаните коишто одат таму и коишто подигнуваат тоа што им припаѓа, да ги прашате нив дали има кеш или нема кеш. Јас не можам да одговорам, бидејќи немам сметка во „Стопанска банка Битола“,кажа премиерот Христијан Мицкоски.
Досега нема јасна потврда од Народната банка или од српската Агенција за осигурување на депозити дека рокот поставен од Народната банка дал резултат или дека е добиено согласност. Во меѓувреме, кон ДУИ се упатија нови обвинувања: од Вреди велат дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преку кичевската компанија „АС Сењак“, во сопственост на неговиот сват Селаудин Арифи, земал кредит од 5 милиони евра од „Алта банка Белград“.
„Ова не е обичен бизнис, ова е класична шема на политичко-финансиска корупција. Затоа, денес јавно ги повикуваме Јавното обвинителство и Управата за финансиско разузнавање веднаш да ги отворат меѓународните трансакции од 9 јуни 2025 година и да ги испитаат околностите под кои услови е одобрен овој кредит од Белград, со каков залог е покриен и на чии сметки во Македонија завршиле петте милиони евра од „Алта банка“?“, изјави Тахири од Вреди. Од ДУИ претходно изјавија дека поврзувањето со влезот на „Алта банка“ е неточно и дека сите дозволи биле издадени во 2025 година од институции под раководство на сегашната власт.
Фото: прес-материјал од настанот


