Почетна
Магазин

Даце: Живеевме во стан од 26 м² со мувла, немавме за пелени

Во емисијата „Кафе муабети“ Даце опиша тесно живеење, трошоците по раѓањето и аудицијата во Танец која ја промени неговата судбина.

·Магазин
Даце: Живеевме во стан од 26 м² со мувла, немавме за пелени

Пејачот Драган Николовски — Даце во емисијата „Кафе муабети“ откри како изгледал најтешкиот период од неговиот семеен живот, кога со сопругата и нивниот постар син ја делеле целата секојдневна рутина во едно мало изнајмено станче.

Стан од 26 квадрати, мувла и прескапи пелени

Даце детално опиша како просторот од само 26 квадратни метри бил едновремено спална, дневна, кујна и трпезарија. „Кога излеговме од кај моите да одиме под кирија, не ми беше тешко тоа што си одам од кај мама и татко, јас родителите секојдневно си ги слушам на телефон и си ги тинтрам како они мене што ме тинтраа. Кога отидов како потстанар со сопругата, живеевме во едно мало станче од 26 квадрата, тука беше и купатило, и трпезарија, и дневна, и фрижидер, и кујна…“

Неговото сеќавање продолжи со слики од теснотија и постојани трошоци по раѓањето на помалото дете: „И троседот на кој спиевме на пуштање, и детето го пресоблекуваме тука, тука го анимираш, тука гостите ги чекавме. И парно немаше, живеевме во мувла, и после се роди малиот и имавме премногу трошоци… Тоа се пелени кои чинат многу, а како расте детето, ги има се помалку во пакувањето, немаше толку свадби, не бев толку актуелен“.

Пејачот откри и моменти на екстремна сиромаштија: „И има еден момент што никогаш нема да го заборавам. Едно седум-осум дена одев на работа со една железна 10-денарка во џеб. Колегите, по завршувањето на работните задачи, секојдневно седнуваме на кафе да испиеме, и постојано ме викаа ‘ајде по едно макијато’. 'Не, не, не, имам работа', ги лажев дека имам работа, а немав работа“.

Во разговорот тој призна дека размислувал да ја напушти музиката и да замине во странство за да обезбеди стабилна егзистенција, но нагласи дека никогаш не помислил да се занимава со незаконски работи или коцка. „Никогаш не сум размислувал да се бавам со нешто нелегално или со коцка, ми поминуваа триста професии низ глава. Сакав да одам во туѓа земја да работам, дури има и еден момент. Пред да се вработам во Танец, момент кога учествував во едно интервју и потпишав еден преддоговор, за после, по 30 дена, да го потпишам главниот договор. Се работеше за огромна плата во долари, за подрачје кое се бомбардираше во тој период. Но по две недели излезе конкурс за Танец и јас се пријавив. Само Господ си ги реди така работите, од сите што беа пријавени, само јас бев вработен, како машко, бас вокал. Тогаш се смени сé, па дури платив и пенали на странската фирма за да го раскинам преддоговорот, вели Даце сеќавајќи се на овие тешки мигови од животот."

Според неговите сеќавања, токму прифаќањето во ансамблот Танец и одлуката да остане посветен на музиката биле пресвртница во неговиот живот и кариера.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи