Дарко Стојаноски за болката и пеењето: „Најтешко е да пееш кога ти се плаче“
Внукот на Војо и Билјан Стојаноски зборува за детството, музичките корени и трагичните лични загуби.

Познатиот фолк-пејач Дарко Стојаноски, внук на Војо и Билјан Стојаноски, е новиот гостин во емисијата „Кафе муабети“ која се емитува вечерва од 21:15 часот. Разговорот е снимен во скопскиот ресторан „Дион“, а Дарко во него зборува за детството, блиските семејни врски и серијата тешки лични загуби.
Тој се присети на безгрижните детски денови во маалото, на блискоста со братучедите и на односот со стриковците кои оставија траен печат врз македонската народна музика. Како дел од истото семејство, и братучедите Влатко и Златко Миладиноски, како и синот на Војо, Дамјан Стојаноски, го продолжија музичкиот пат.
Дарко рече дека првиот посериозен јавен настап го имал на „Гоце фест“ во 2002 година, кога имал 19 години, а најголема поддршка му дал неговиот стрико Војо. Тој истакна дека, иако ги доживувале Војо и Билјан како идоли, никогаш не го имитирале нивниот стил туку ги барале сопствените изрази.
Тешки загуби и настапи во најтешките денови
Дарко зборуваше дека во родното село Букојчани го наоѓа мирот кога семејството се собира, а посебно го нагласи и талентот на својот покоен татко Никодин, кој, иако многумина од Кичево го паметат по гласот, поради животните околности никогаш не станал професионален музичар. Тој спомена и кичевската легенда Стојан Гајдаџијата меѓу оние кои го паметат неговиот татко.
Во разговорот Дарко се осврна на трагичниот период пред неколку години: во рок од три недели починале родителите на Влатко и Златко — неговиот тетин и тетка; мајката на Влатко била близначка на неговиот татко. По една година, додека семејството сè уште не се беше соземено од болката, почина и неговиот татко Никодин.
На прашањето дали некогаш помислил да се откаже од музиката поради тежината на професијата, тој одговори: "Никогаш не сум помислувал да се откажам од музиката. Иделе тешки моменти, како и секоја работа, има тежина. Ние мораше да пееме и татко ми кога почина, стрико ми кога почина, ние во шок, уште не си соземен, а веќе треба да одиш, те чека свадба. И тоа сè си зема данок…"
И продолжи: "Најтешко е… А тоа ми стои и во мисла и стално и секој пат, и со нив, и со стриковците, и со татко ми, и баш буквално, да пееш па дури и кога ти се плаче. Значи кога не ти е дојдено до пеење, значи тогаш ако можеш би откорнал од душа сè, а треба да пееш".
Повеќе детали за љубовта, песните и односите со братучедите може да се проследат во целата епизода на „Кафе муабети“ со водителката Виолета П. Периќ, која се емитува вечерва од 21:15.
Фото: прес-материјал од настанот


