Давид Давидовски за булингот, црниот појас и животот со хронична состојба
Водителот открива моменти од детството, здравствените предизвици и семејните драми во разговорот со Виолета П. Периќ.

Младиот телевизиски водител Давид Давидовски е гостин во вечерното издание на разговорната емисија „Кафе муабети“, во водство на Виолета П. Периќ. Преносот ќе се одвива вечерва, од 20.15 часот, на YouTube-каналот на емисијата и на порталот Гламур.
Во отворен и емотивен разговор, Давид раскажува за патот во медиумите и за тешкотиите што ги носи да се разликуваш од другите уште од училишните денови. Неговиот автентичен стил на облекување дополнително го прави познат, но и причина за бројни предизвици.
Од врсничко малтретирање до лична мотивација
За периодот кога бил малтретиран во училиште тој вели: „Кога ме малтретирале, кога ме зафркавале, затоа што реално имам клампави уши и никогаш нема да ги оперирам моите уши, затоа што се прифатив таков каков што сум… Роден сум со клампави уши и ме зафркавале заради физичкиот изглед. Многу подоцна и мутирав, јас мутирав на 16 години и до прва – втора година средно јас имав детски глас, многу пискав глас, за разлика од сега.“
Давид истакнува дека токму тие искуства го поттикнале да го претвори стравот во сила и мотивација. Тој има црн појас во карате, а дисциплината од боречкиот спорт, како што вели, му помогнала да ја гради својата професија. И покрај ентузијазмот и посветеноста, признава дека и понатаму не се чувствува секогаш разбрано од фелата.
Во емисијата тој откри и дека долготрајниот стрес што го носел од младоста се прелил во хронична состојба — иритабилни црева — за која, како нагласи, нема лек. „Стресот е најголемиот непријател на човекот“, рече тој и опиша како научил да живее со состојбата и да се грижи за своето здравје.
Кога зборуваше за семејството, Давид не можеше да ги задржи солзите и искрено призна дека ги жали што имаат „чуден син роден во погрешно време“. Тој ги опиша како најдобрите родители и го посочи најтешкиот период кога и двајцата биле хоспитализирани од корона, а во исто време му починал дедото; во тие денови тој морал сам да се грижи за помладиот брат, постојано во страв од нови лоши вести.
Во текот на разговорот Давид стави крај на шпекулациите за својата сексуална ориентација — рече дека не е хомосексуалец и откри дека до неодамна бил во врска со жена која е околу десет години постара од него. Тој, исто така, јавно му се извини на Игор Џамбазов.
Целиот разговор можете да го проследите вечерва, точно од 20.15 часот, во емисијата „Кафе муабети“ на YouTube-каналот на емисијата и на порталот Гламур.
Фото: прес-материјал од настанот


