Дебата: Ако патоказите од ЕК за четири држави обезбедат поголема предвидливост, можат да бидат охрабрување и за македонската влада
Аналитичари на МРТ 1: патоказите може да зголемат предвидливоста, но клучни се домашните одлуки.

Во дебата на емисијата „360 степени“ на МРТ 1 експертите констатираа дека најавените индикативни патокази од Европската комисија за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија можат да послужат како пример и охрабрување за Македонија, но тоа ќе зависи од одлуките што ќе се донесат дома.
Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк, рече дека причините поради кои земјава не е меѓу тие четири кандидати треба да се бараат и во домашниот однос кон Преговарачката рамка.
Патоказите може да донесат поголема предвидливост, но прашањето е политичко
„Јас имав чувство уште од 2022 година дека ние ќе спиеме на едно уво, а тоа е Европската Унија ќе се промени самата и така ќе ни биде полесно да влеземе и да се интегрираме. Тоа можеби ќе се случи според дискусијата која ја водевме, но на крајот на краиштата знаеме дека тоа што ние не сме таму сега како дел од тие четири држави е наша одговорност“, рече Николовски.
Тој го поврза отсуството на земјава на таа листа со неприфаќањето на рамката и со другите одлуки кои треба да се донесат внатре во земјата. „Наше е одбивањето да ја прифатиме рамката, за што има прилично голем национален консензус, би рекол, кон ова прашање. Така што топката е повторно, што се однесува до патоказите, во наши раце – дали ние ќе имаме патокази или не“, додаде тој.
Политичкиот аналитичар Тони Поповски посочи дека патоказите се важни за јавноста затоа што, ако тие обезбедат поголема предвидливост, може да значат охрабрување за владата и за Собранието да ги земат предвид како една од гаранциите дека процесот ќе резултира со полноправно членство. Тој исто така предупреди дека треба да се дојасни институционалниот статус на овие документи — дали ќе ги усвојуваат политичките тела на членките или Комисијата ќе ги користи во рамките на своите надлежности.
Во разговорот беше нагласено и дека Македонија има реформски обврски на кои може да работи и без нов патоказ, како и можности за усогласување во рамките на постепената интеграција. Николовски се повика и на истражувањата на јавното мислење според кои општата поддршка за членство останува висока и дека и покрај песимизмот за брзо членство, мнозинството сепак ја поддржува западната ориентација.
Фото: прес-материјал од настанот


