Дебата: Да се разјасни дали несогласувањата во историската комисија ќе доведат до ново вето
Експерти предлагаат Скопје да достави драфт‑гаранции и да дејствува на повеќе нивоа за да спречи блокада

Дали несогласувањата во историската комисија со Бугарија може да се пресликаат како ново вето врз евроинтегративниот процес на Македонија беше централно прашање во дебатниот емитуван на МРТ1 во програмата „360 степени“.
Предлози за конкретни гаранции и повеќенивоско дејствување
Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк, побара јасно да се утврди во дијалогот дали несогласувањата во историската комисија автоматски би значеле вето и предложи земјата да настапи со конкретен текст на гаранции за преговорите: „А една од главните и болни точки и тешки точки е работата на историската комисија, очекувањата од работата на таа комисија за време на преговорите, да може некако да се дефинира тоа што би донело вето и дали работата на историската комисија, нивното несогласување, дали автоматски значи вето или не. Тоа би било, мислам, многу важно за нас и многу конструктивно да го знаеме, дали постои консензус помеѓу двете држави по однос на ова прашање“, рече Николовски.
Николовски дополнително порача дека прашањето сè уште не е доволно дефинирано и дека Македонија може да ја преземе иницијативата со предлог од формален карактер: „Зборуваме за гаранции, меѓутоа не сме ги дефинирале што се тие гаранции. И мислам дека би било многу конструктивно ние да настапиме со драфт-гаранции кои подоцна ќе бидат дискутирани на тие средби и би биле преговарани“, додаде тој.
Ана Крстиновска, претседателка на ЕСТИМА, оцени дека историската комисија е најпроблематичниот аспект бидејќи покрај експертската улога таа е оптоварена и со силни политички очекувања и притисоци, што го отежнува нејзиното функционирање. Таа побара работата да се води паралелно и на повеќе нивоа преку формални тимови и јасна агенда, и предупреди дека комисијата не смее да добие клучна одлучувачка моќ за евроинтеграциите.
Крстиновска истакна и дека исполнувањето на веќе преземените обврски само по себе нема да ја врати довербата во билатералните односи: „Ние дефинитивно тоа треба да го спроведеме. Меѓутоа тоа нема да ги поправи билатералните односи, да ја врати довербата, и тоа мислам дека е нешто што треба малку почесто да го кажуваме. Затоа што нашата единствена гаранција, навистина не ми се допаѓа тој збор, меѓутоа нашата гаранција се добрососедските односи со Бугарија и градењето доверба дури и кога ќе стигнеме до крајот на пристапниот процес и за тоа треба работа од двете страни“, оцени таа. Таа како практичен пример посочи и договорот со Фронтекс: „Видете, јазикот е токму пример дека може да се направи креативен компромис. Ние не можеме да очекуваме дека Бугарија утре ќе го смени тој децениски став дека постои македонски јазик како различен од бугарскиот, меѓутоа во случајот со договорот со Фронтекс беше постигнат некаков компромис којшто овозможи работата да се задржи“, рече таа.
Поранешниот министер Тони Поповски потенцира дека односите не треба да се сведат само на работата на историската комисија, туку дека улога имаат и универзитетите, стопанските комори и културната размена. Поповски повика на усвојување на европски практики за управување со различни историски наративи, така што несогласувањата не мора секогаш да се претвораат во блокади: „Но она што тие го имаат изнајдено, паметно, цивилизациски, европски е договор, да се согласат или да најдат начин како ќе управуваат со несогласувањата. Значи, таму каде што нема да се согласиме, не нужно веднаш да се преврта во блокада. Тоа мислам дека треба да биде еден европски пристап кој го имаме на маса“, рече Поповски. Тој додаде дека, ако е потребно, може да се побара посредство или вклучување на трета страна.
Фото: прес-материјал од настанот


