Деби повик за Резарт Мемеди пред мечот со Австрија во Виена
23-годишниот бек може да дебитира денеска (16:05) во „Спорт Арена“ во Виена, во отворањето на втората претквалификациска рунда за ЕП 2029.

Македонската кошаркарска репрезентација попладнево (16:05 часот) во Виена, во салата „Спорт Арена“, ја отвора втората претквалификациска рунда за пласман во квалификациите за ЕП 2029 година; триумф на ова гостување ќе ги остави многу поблиску до остварување на целта.
Во тимот има двајца дебитанти во сениорската репрезентација. Новото име со македонски пасош, Мозес Рајт, се очекува да биде во водечката рола на теренот заедно со Ненад Димитријевиќ.
Другиот кошаркар кој ќе може да ги добие првите сениорски минути е Резарт Мемеди. 23-годишниот бек настапувал за младинските категории на Македонија, а сега доби повик од селекторот Хозе Марија Берокал.
„Среќен сум што добив шанса да тренирам со сениорскиот тим на Македонија и што се најдов во плановите на селекторот. За мене ова е големо искуство и секако голема мотивација за понатаму. Одлично се чувствувам во тимот, момците ми помогнаа брзо да се вклопам.
За мене секоја минута со сениорската репрезентација е драгоцено искуство и сакам да го искористам на најдобар можен начин. Се надевам дека ќе одиграме добар натпревар и дека на крајот ќе имаме причина да бидеме задоволни и да славиме.
Трениравме напорно и мислам дека добро се подготвивме за денешниот натпревар. Знаеме дека Австрија е квалитетна репрезентација и дека нè очекува тежок меч, особено што играме на нивен терен. Нинвиот пораз од Кипар на гостински терен не треба да не залажува.
Сепак и ние имаме свои квалитети, доколку го дадеме максимумот и одиграме како што се договоривме, можеме да се надеваме на добар резултат“, ни изјави Резарт Мемеди пред денешниот меч.
Фото: прес-материјал од настанот