Демократите велат дека со меѓуизборите ќе го надвладеат Доналд Трамп
По освојување контрола на Сенатот (54-44) и приближно 93 пратеници повеќе во Претставничкиот дом, демократите најавуваат дека ќе го сопрат и ќе го истражуваат претседателот.

Демократите ветија дека ќе ја искористат својата убедлива победа на меѓуизборите во САД за да го надвладaат претседателот Доналд Трамп, што навестува можен двегодишен ќор-сокак во Вашингтон.
Гневот поради политиките на Трамп, особено зголемувањето на трошоците за живот поради војната против Иран, им помогна на демократитет да освојат Сенатот, каде што ќе имаат мнозинство од најмалку 54-44, и Претставничкиот дом, каде што засега имаат околу 93 пратеници повеќе од Републиканците. Тоа ќе биде првпат Трамп да се соочи со Конгрес кој е под контрола на демократите во двата дома.
Лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, изјави дека новото мнозинство ќе биде фокусирано на прифатливост и одговорност.
„Ние не работиме за Доналд Трамп. Ние работиме за американскиот народ. Деновите кога Претставничкиот дом функционираше како подружница во целосна сопственост на администрацијата на Трамп се завршени“, изјави Џефрис.
Трамп го гледа изборот како референдум
Трамп ги претставуваше меѓуизборите како референдум за првата половина од неговиот втор мандат во Белата куќа.
„Веројатно ќе се сложувам со демократите, освен ако не сакаат да бидат деструктивни. Но, имам право на вето“, рече Трамп. Тој додаде и: „Не го гледам тоа како удар врз мене.“
Демократите ја фокусираа кампањата на корупцијата и прифатливоста на цените, обвинувајќи ги царините на Трамп и војната со Иран за зголемување на трошоците за живот, додека семејството Трамп заработи милијарди долари откако тој се врати во Белата куќа.
Републиканците веќе вршат притисок врз Трамп да го смени курсот откако гласачите ги отфрлија неговите кандидати во клучни трки. Републиканските сојузници и стратези го повикаа Трамп да го размрда својот персонал во Белата куќа, да ја врати дисциплината и да ги укине политиките што ги обвинија за загубите, вклучувајќи ја војната со Иран и царините. Трамп не покажа знак дека го гледа исходот како причина за промена на насоката.
Со контрола на двата дома, демократите ќе имаат моќ да го блокираат законодавството на Трамп, да ја истражуваат неговата администрација и да ги оспоруваат неговите номинации. Потпретседателот Џеј-Ди Венс, кој се смета за веројатен политички наследник на Трамп, вчера малку се дистанцираше од претседателот и ја обвини војната во Иран за поразите на меѓуизборите.
Фото: АП)


