Почетна
Македонија

Денеска се одбележува Денот на македонската револуционерна борба

Свечена академија во Македонскиот народен театар, положување пред споменикот на основачите и доделување на државната награда.

·Македонија
Денеска се одбележува Денот на македонската револуционерна борба

Во земјава денеска се одбележува 23 Октомври — Денот на македонската револуционерна борба, со низа официјални настани во Скопје и доделување државни признанија за достигнувања во културата, науката и заштитата на културно-историското наследство.

Во Македонскиот народен театар ќе се одржи свечена академија под наслов „Свои на своето!“, на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.

Државна награда и положување цвеќе

Во 11 часот, во Кристалната сала на Собранието, ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“ за 2026 година. Наградата се доделува за долгогодишни остварувања во науката, културата и образованието, заштитата на државните интереси, промоцијата на државните приоритети и вредности, како и за заштитата на културно-историското наследство од јавен интерес.

Собраниската делегација, предводена од потпретседателот Антонијо Милошоски, а во состав Велика Стојкова-Серафимовска и Даниела Николова, ќе положи свежо цвеќе пред Споменикот на основачите на ВМРО во паркот „Жена борец“ во Скопје.

За остварувања во областа на културата и уметноста наградата ќе му биде доделена на актерот Ѓорѓи Јолевски, а за придонес во науката наградата ќе ја добијат историчарот проф. д-р Стојко Стојков и археологот проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс.

Празникот се одбележува во чест на основањето на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО) — на 5 ноември 1893 година, односно на 23 октомври според стариот календар, во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов. На основачкиот состанок учествувале шестмина истакнати дејци: лекарот Христо Татарчев од Ресен, учителот Даме Груев од Смилево, учителот Петар Поп Арсов од Богомила, книжарот Иван Хаџи Николов од Кукуш, учителот Антон Димитров од Ајватово и учителот Христо Батанџиев од Гуменџа.

Основачите почнале да шират револуционерни идеи меѓу младите во Солунската бугарска машка гимназија, учениците формирале кружоци и конспиративни групи, а по враќањето во родните места ја прошириле мрежата на Организацијата. Подоцна биле оформени и вооружени чети и се набавувало оружје преку илегални канали, а врвот на дејноста е организирањето на Илинденското и Преображенското востание во 1903 година.

Во средата вечер во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа културно-историски настан под наслов „Во светлината на слободната“, посветен на историските процеси што го означиле македонското револуционерно движење и на животот и делото на Даме Груев.

Фото: МИА

Поврзани написи