Почетна
Магазин

Десанка Николова ја објави „Сеф за тајни“ — книга за лична рефлексија и дијалог со читателот

Книга која ги спојува раскажувањето, практичните вежби и дијалогот со читателот за лична рефлексија.

·Магазин
Десанка Николова ја објави „Сеф за тајни“ — книга за лична рефлексија и дијалог со читателот

Од печат излезе „Сеф за тајни“, новата книга на Десанка Николова, објавена во издание на Издавачката куќа „Збор“ – Велес. Книгата ја поканува читателката и читателот на емотивна и аналитичка средба со сопственото минато и сеќавања, при читање што продолжува долго по затворањето на последната страница.

Во јадрото на книгата стои јасна поента: "Не дозволувај минатото да ти биде кафез. Нека ти биде сеф со лекции, отклучи го и продолжи да ја пишуваш својата приказна." Оваа порака ја поставува метафората на сефот како простор што може да чува лекции наместо да казнува.

„Сеф за тајни“ не може лесно да се стави во еден жанр — не е класичен роман ниту практичен психолошки прирачник. Николова создава жанровски хибрид: раскажување, есеистички записи, практични вежби и директни прашања до читателот кои го преобразуваат во активен учесник во книжевното искуство.

Ликови, теми и современа комуникација

Преку Вера и Љубен авторката отвора теми познати за модерниот човек: скриена болка под фасадната сила, стравот од напуштање, неизговорените зборови, нарушената доверба, семејните и љубовните односи, чувството на вина, потребата од лични граници и храброста да се оди понатаму по животните разочарувања. По секоја приказна следуваат прашања, практични вежби и простор за лична рефлексија.

Посебен сегмент е озаглавен „Во четири очи, на ти со ChatGPT“, каде авторката воспоставува дијалог со вештачката интелигенција за ранливоста, минатото, љубовта и самоспознавањето. Со овој модерен пристап, книгата ја проширува границата меѓу авторот, текстот и читателот и отвора поинаков читателски дијалог.

Авторката Десанка Николова е родена во Велес; дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирала менаџмент на човечките ресурси. Книгата е објавена на македонски јазик во издание на Издавачката куќа „Збор“ – Велес, во прво издание со тираж од 500 примероци. Уредник е Емилија Златкова-Анастасова, лектурата е на Мариетка Петровска, а дизајнот на корицата е на Христијан Анастасов. Во книгата има фотографии од приватна архива. Промоцијата е планирана на 25 ноември во Велес.

Фото: приватна архива

Поврзани написи