Девет полицајци обвинети дека без проверки давале согласности за „Пулс“ — одбраната бара документи
Адвокатите побараа записи од СВР Штип за 2022 и 2023 и предложија обвинетите да бидат сослушани како сведоци.

Адвокатите на деветтемина полицајци обвинети дека без да ги извршат потребните проверки давале согласности за дискотеката „Пулс“ да добива лиценци од Министерството за економија, на денешното рочиште во Кривичниот суд побараа судот да им наложи доставување на службени докази.
Адвокатите бараат записи од СВР Штип и се жалат на недостапност на документи
Одбраната побара преку судот да ѝ бидат доставени записници, извештаи по приоритети, телеграми и други документи од СВР Штип за 2022 и 2023 година. Тие се пожалија и дека нема одговор од Министерството за внатрешни работи на барање за декласификација на документ што им е потребен како доказ за одбраната, и побараа и службени белешки од СВР Штип.
Во оваа, така наречена втора група обвинети, се Димче Аврамов, Јане Трајчев, Александар Атанасов, Влатко Илиев, Александар Темелков, Влатко Наумов, Боби Гидиоски, Гоце Иванов и Александар Максимов. Тие се товарат дека со злоупотребување на службената положба придонеле неисправниот диско „Пулс“ во Кочани да добие лиценца од Министерството за економија. Обвинетите се од Кочани, Штип, Радовиш и Пробиштип.
Во воведниот говор обвинителката за организиран криминал, Спасенка Андонова, појасни дека предметот се однесува на полициски проверки кои се прават по службена должност за утврдување на нарушувања на јавниот ред и мир и за безбедноста на сообраќајот — елементи кои се поврзани со барањата за добивање лиценца.
Андонова рече: „Се мисли на соодветен број на паркинг-места за овозможување на безбеден тек на сообраќајот, за безбедно доаѓање и одење од објектот. Оваа проценка се врзува со поднесено барање до Министерството за економија за добивање лиценца за работа на угостителскиот објект, па така полициските службеници имаат обврска по таквото барање да ги извршат деталните проверки и да утврдат дали биле водени прекршочни постапки во објектот за нарушен јавен ред и мир и дали објектот ги исполнува условите во поглед на безбедност на сообраќајот. На конкретните полициски службеници опфатени во ова обвинение, им се става на товар дека во таа насока не ги извршиле своите службени должности, односно не направиле целосна проверка или врз основа на ненаправената целосна проверка, дадена е согласност, натаму таа е позитивно оценета и врз основа на тоа добиена е лиценца и на тој начин е овозможено објектот ‘Пулс’ да работи и да остварува профит“,
Одбраната информира дека Кривичниот суд добил одговор од полицијата дека целокупната документација во врска со дискотеката „Пулс“ ја подигнала Внатрешната контрола при МВР и дека поради тоа СВР Штип не може да ги достави побараните записи. На денешното рочиште, покрај предлог за надворешни сведоци, поголем дел од адвокатите предложија и нивните клиенти да бидат сослушани како сведоци.
Овие обвиненија се дел од пошироката истрага за пожарот што избувна на 16 март 2025 година за време на концертот на музичката група ДНК, кога непријавена и на диво поставена пиротехника ги запали нискиот сунѓерест и пластичен плафон во диското. Во пожарот загинаа 63 млади луѓе, меѓу кои и деца, а над 220 лица се повредени.
Фото: СДК.МК)


