ДИК го отпочна процесот за вонредни избори во Брвеница — гласањето на 18 октомври 2026
Претседателот на Собранието Африм Гаши ги распиша изборите по ненадејната смрт на градоначалникот Јовица Илиевски; ДИК го усвои роковникот и го формираше ОИК.

Државната изборна комисија (ДИК) попладнево на седница го усвои Роковникот за оддржување предвремени избори за градоначалник на општина Брвеница и поради истечен мандат на досегашната општинска изборна комисија по случаен избор ги избра претседателот, заменик-претседателот, членовите и заменик-членовите на ОИК.
Изборите распишани за 18 октомври 2026 година
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска го распиша датумот за гласање — 18 октомври 2026 година, откако ненадејно почина градоначалникот Јовица Илиевски. Претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, на седницата нагласи дека Комисијата формално ги започнува сите оперативни активности за спроведување на предвремените избори.
„Како и досега, ДИК останува посветена на својата законска и уставна улога да биде заштитник и гарант на демократското избирачко право. Ја уверувам јавноста дека ќе ги преземеме сите мерки за изборниот процес да се одвива целосно, транспарентно, во фер и демократска атмосфера во согласност со највисоките стандаради за спроведување избори овозможувајќи им на граѓаните на општина Брвеница слободно и достоинствено да ја изразат својата волја на 18 октомври 2026 година“, рече Маричиќ.
Членот на ДИК, Борис Кондарко, ги објави најважните рокови: јавниот увид во Избирачкиот список започнува на 22 август и трае 20 дена, односно до 10 септември; собирањето потписи за кандидати за градоначалник почнува на 17 август и ќе трае до 31 август; изборната кампања започнува на 21 септември и ќе трае 20 дена, до 16 октомври. Поднесувањето на кандидатските листи до ОИК Брвеница е до 12 септември. Граѓаните ќе можат да поднесуваат барања за корекции на личните податоци во подрачното одделение на ДИК во Брвеница.
Во рамки на одлуките донесени на седницата, ДИК ќе упати барање до МВР за ажурирање на Избирачкиот список, донесена е одлука за ангажирање лица за помошни тела, вклучително и во информатичкиот сектор, а утврден е и износот за платено политичко рекламирање за медиуми кои не биле пријавени во последните пет години.
ДИК најави дека ќе ја следи подготовката на терен и дека ќе преземе дополнителни мерки за да се обезбеди редовно, транспарентно и демократско спроведување на гласањето во општина Брвеница на закажаниот датум.
Фото: прес-материјал од настанот