ДУИ: Извештајот на Европската комисија за 2026 е една од најзагрижувачките оценки за земјата
Партијата повикува на итна промена на владиниот курс поради забелешките за јазични права и институционална застапеност.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) го оцени Извештајот на Европската комисија за 2026 година како една од најзагрижувачките проценки за Северна Македонија во последните години, наведувајќи дека документот укажува на заостанување во реформите и сериозни проблеми во функционирањето на институциите.
Во партиското соопштение ДУИ посебно ги истакнува забелешките на Комисијата за спроведувањето на правата за употреба на албанскиот јазик и за правичната и соодветна застапеност. „За првпат, конкретните проблеми со спроведувањето на употребата на албанскиот јазик и правичната и соодветна застапеност заземаат толку јасно место во оценката на Европската комисија. Ова е најтешката политичка последица од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ со ВЛЕН: прашањата на еднаквоста, кои требаше да бидат неспорни институционални гаранции, денес се претворија во европска загриженост“, се вели во соопштението.
ДУИ дополнително посочува дека Влен влезе во Владата со ветување дека ќе ги претставува Албанците, но оти последиците од нивното учество сега се видливи во Брисел. „Балансерот е укинат, новиот механизам за застапеност останува нерешен, додека албанските граѓани и студенти продолжуваат да се соочуваат со пречки во остварувањето на своите јазични права“, додаваат од партијата.
Партијата наведува и дека нема напредок во други клучни области наведени од Комисијата, меѓу кои борбата против корупцијата, слободата на изразување, јавните набавки, заштитата на потрошувачите и здравствениот сектор.
ДУИ го споредува статусот на Северна Македонија со напредокот на соседните кандидати: „Во меѓувреме, Албанија напредува во преговорите, Црна Гора се приближува до нивното завршување, додека Северна Македонија останува надвор од новата динамика на проширувањето, без да го отвори ниту првиот кластер. Ова е цената што граѓаните ја плаќаат за политичкиот курс на оваа Влада. Северна Македонија губи драгоцено европско време, додека Албанците повторно се соочуваат со оспорување на правата што ги сметаа за загарантирани“, стои во соопштението.
Кос: Уставните измени остануваат услов
Претставувајќи го Пакетот за проширување за 2026 година во Брисел, еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека Северна Македонија ја зголемила подготвеноста за членство во ЕУ и е меѓу земјите кандидати со високо ниво на усогласеност со европското законодавство.
Кос посочи дека земјата го забрзала спроведувањето на реформите во рамките на Планот за раст, но дека се потребни дополнителни резултати во борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација. Таа повтори дека за деблокирање на пристапните преговори и отворање на првиот кластер „Основи“ Северна Македонија треба да ги усвои уставните измени договорени во 2022 година, со кои е предвидено внесување на малцинствата во Уставот.
Во извештајот Комисијата предупреди и на ризикот по добрососедските односи со Грција, наведувајќи дека членови на Владата и високи државни функционери во одредени случаи не постапуваат во согласност со Преспанскиот договор, вклучително и преку некористење на уставното име на државата. „Спроведувањето на билатералните договори во добра верба, вклучително и Преспанскиот договор, останува од суштинско значење. Членови на Владата и високи функционери во одредени случаи не го почитуваат Договорот, вклучително и со некористење на уставното име на државата, што ризикува да влијае врз добрососедските односи“, се наведува во Извештајот.
ДУИ заклучува дека проценката на Комисијата треба да послужи како сигнал за итна промена на владиниот курс, со цел прашањата за еднаквоста, функционирањето на институциите и европската перспектива да не бидат занемарени.
Фото: прес-материјал од настанот


