Почетна
Македонија

ДКСК отвори предмет за судир на интереси при прославата на 35‑годишнината

Комисијата го следи финансирањето и ги повикува надлежните органи да постапат доколку има незаконитости.

·Македонија
ДКСК отвори предмет за судир на интереси при прославата на 35‑годишнината

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет за можен судир на интереси поврзан со прославата на 35‑годишнината од независноста и ја следи состојбата околу финансирањето, повикувајќи ги останатите институции да постапат доколку утврдат неправилности.

Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, изјави дека ДКСК постапила по дојава и на сопствена иницијатива и отворила предмет кој се однесува на член на Комисијата за избор на програмата.

„ДКСК од аспект на своите законски надлежности и како превентивно тело го следи случајот. Конкретен предмет немаме отворено, имаме отворено само предмет во делот на судир на интереси на едно од лицата што се спомнуваше дека бил член на Комисијата и дека учествувал како изведувач“, изјави Адем Чучуљ.

Станува збор за претседателот на Комисијата за евалуација, Николче Мицевски, кој подоцна се појавува и како автор на оркестрациите за настапот на Хосе Карерас во програмата.

Повици за истраги и политички реакции

Чучуљ додаде дека ДКСК ги следи реакциите во јавноста и побарувањата за транспарентност во трошокот на народните пари и ги повика истражните органи да отворат постапки доколку утврдат дека има незаконитости.

„Ние го разгледуваме случајот, ги следиме и натписите и реакциите во јавноста. Веруваме дека и другите надлежни органи, пред се истражните органи го следат случајот и доколку ценат дека постојат одредени незаконитости дека ќе отворат постапки во рамки на нивните надлежности“, изјави Адем Чучуљ.

Од опозицијата, СДСМ побара Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага, да ја обезбеди целокупната документација и да го следи текот на парите и начинот на донесување одлуките, изјави Кети Штерјова од СДСМ.

ВМРО‑ДПМНЕ возврати со контраобвинувања дека СДСМ и ДУИ се заштитени од „свои“ судии и обвинители. „Со години гледаме како мал дел на корумпирани судии и обвинители работеа под принципот за едни законот да важи веднаш, а за луѓето на СДС и ДУИ, предметот да заврши поинаку“, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО‑ДПМНЕ.

Според владата, прославата чинеше 5,5 милиони евра од Државната лотарија и дополнителни 650 илјади евра од општествено одговорни компании. Минатата недела повеќе од час и половина претставници објаснуваа дека парите не биле „народни“ иако потекнуваат од државна фирма, додека детали колку чини секој настап не се објавени.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи