Добрила Ивановска Чабриќ: Плива, шиe и излегува во казино на прагот од 99-та
Победничката од „Никогаш не е доцно“ самостојно вози, плива и го мести животот околу активности и рачна работа.

Победничката на третата сезона на музичкото шоу „Никогаш не е доцно“, Добрила Ивановска Чабриќ, на прагот од својот 99-ти роденден и понатаму ги воодушевува со енергијата и животната филозофија.
Таа отворено признава дека не ги троши вечерите пред телевизорот. „Задолжително излегувам навечер. Во казино, секако! Бев менаџерка во казино 6 години и тој бизнис ми е многу добро познат. Имам многу пријатели и пријателки кои доаѓаат од Грција, па каде на друго место да се видиме освен во казино? Рестораните не ме интересираат затоа што си готвам сама. Во казиното ја има таа возбуда, тоа за мене е терапија! Малку смеа, шеги, па и по некоја кавга… Сè е тоа дел од животот“, раскажува енергичната дојранчанка.
И покрај годините, таа сама управува со автомобилот, патува низ регионот и редовно плива во Дојранското Езеро. „Малку ми е отежнато одењето, но пливам! Се спуштам со колата до езеро, си завршувам сè што треба, ќе се бучнам во водата, ќе си испливам и си доаѓам дома“, искрена е таа.
Еликсиирот: став и работа
Според Добрила, главниот еликсир за младост не е тајна формула туку позитивен став и активност. Со поглед кон Дојранското Езеро од нејзината тераса, таа објаснува како работата ѝ помага да ги избегне мрачните мисли. „Многумина паѓаат во депресија уште во 70-тите години. Мислат дека се стари и дека сè ги боли. Јас, и да ме боли и да не ме боли, тоа брзо го решавам со работа! Секогаш земам нешто што ме преокупира за да не мислам на болести или на смрт. Не, не, тоа кај мене не поминува – живеам со полни гради!“, порачува таа.
Нејзиното секојдневие го заокружуваат и рачните работи: најмногу плетење и креирање облека. До сега организирала три модни ревии со своите креации, а рачната работа ја исполнува и ја смирува.
Со ваков пристап кон животот, Добрила докажува дека годините во голема мера остануваат само бројка на хартија.
Фото: прес-материјал од настанот


