Додека кај нас се отпуштаат ИТ‑работниците, во Европа недостасуваат наставници и здравствен персонал
ОЕЦД: здравствен персонал недостасува во 23 земји, наставници во 21, а ИКТ‑специјалисти во 18; демографијата ќе го интензивира притисокот.

Европските компании и работодавци и понатаму се соочуваат со тешкотии да најдат квалификуван кадар, и покрај тоа што притисокот на пазарот на труд во целина е намален според периодот по пандемијата, покажува анализа на ОЕЦД. Најголемиот недостаток е кај работните места кои бараат високообразовани и специјализирани знаења.
Анализата, која опфаќа 27 европски земји, го издвојува образованието како сектор со најизразени проблеми при обезбедување кадар — особено наставничките професии. По нив следуваат здравствените работници и експертите од областа на информатичко‑комуникациските технологии (ИКТ). Податоците покажуваат дека здравствен персонал недостасува во 23 земји, наставници тешко се обезбедуваат во 21 земја, а недостиг од ИКТ‑специјалисти е евидентиран во 18 земји.
Оваа слика е контрастна со случувањата во Македонија, каде што во моментов ИТ‑секторот бележи низа отпуштања, додека здравствените работници со години заминуваат во странство поради ниски плати.
Разликите меѓу земјите се големи: ОЕЦД посочува дека Норвешка има најголем проблем со обезбедување физички работници, додека во Шпанија најтешко се наоѓа помошен персонал за подготовка на храна. Од друга страна, Австрија, Швајцарија и Обединетото Кралство се меѓу пазарите кои според класификацијата покажуваат релативен вишок ИКТ‑експерти.
Преквалификација, мобилност и бариери
Забрзаната дигитализација ја зголемува потребата од вештини и технолошки знаења, додека автоматизацијата ја трансформира побарувачката за работни места базирани на рутински активности. ОЕЦД ја потенцира неопходноста од преквалификација и континуирано надградување на вештините. Европската управа за труд (ELA) дополнително предупредува дека искористувањето на разликите меѓу пазарите преку прекугранична мобилност е отежнато поради јазични бариери, административни процедури и проблеми со признавање на стручните квалификации.
Демографијата ја усложнува сликата: долгорочните проекции на Европската комисија покажуваат дека бројот на жители на возраст од 20 до 64 години во ЕУ би можел да се намали за дури 36 милиони до 2080 година во споредба со 2025 година — што претставува околу 17 проценти помалку работна сила. Според проекциите, Унијата ќе го достигне максималниот број жители во 2029 година со околу 453 милиони, по што населението ќе опадне на приближно 414 милиони до 2080 година, а учеството на лица постари од 65 години ќе порасне од 22 на 33 проценти.
Европската комисија предвидува дека и покрај зголеменото учество на жените и повозрасните лица, како и евентуални поместувања во просечната возраст на пензионирање за околу две години, намалувањето на работоспособното население ќе го ограничува економскиот раст. Поради тоа, идниот развој ќе зависи во голема мера од поголема продуктивност, технолошки напредок и повисоки капитални инвестиции по работник, а предвидениот просечен годишен раст во периодот 2026–2080 е околу еден процент.
Фото: прес-материјал од настанот


