Доградбата на двете недовршени згради во УКИМ ќе започне најдоцна за 90 дена – најави Јаневска
Јаневска: Периодот за сугестии е завршен, извршена е проценка на состојбата и наскоро почнува реализацијата.

Реконструкцијата на двете барокни, повеќе од една деценија недовршени згради на кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе започне во рок од 60 до 90 дена, соопшти министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Јаневска рече дека периодот за сугестии на архитектонското решение, кое го најави во март годинава, конечно е завршен и оти сега може да се премине на фазата на реализација по извршената проценка на техничката состојба на недовршените објекти.
Кој учествуваше во подготовката
Министерката објасни дека процедурата потраела подолго бидејќи требало да се утврди во каква мерка објектите се оштетени и да се вклучат универзитетски експерти. Таа посочи дека процесот бил предводен од Градежниот факултет, а учествувале и претставници од Машинскиот факултет, ФЕИТ, Архитектонскиот факултет и ИЗИИС (Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија).
„Овие згради 10 години стојат така непипнати, на време и невреме. Тоа го направивме со УКИМ, предводени од Градежниот факултет и претставници на многу факултети – Машинскиот, ФЕИТ, Архитектонскиот, исто така беше вклучен и ИЗИИС. Тоа се направи, потоа побаравме идејно решение, добивме идејно решение, па распишавме повторно тендер за архитектонско решение и тоа е сега при крај. И тоа малку потраа затоа што факултетите даваат сугестии за архитектонското решение, кое не е исто како тоа што било претходно“, – рече Јаневска.
Јаневска дополни дека преостанатите административни и дизајнерски чекори треба да се завршат во рок од околу шеесет до деведесет дена, по што ќе започне реалната реконструкција на објектите.
Фото: прес-материјал од настанот


