Штип: Половина градот без вода за пиење повеќе од 40 часа
ЈП Исар работи деноноќно на инсталирање на две препумпни станици; директорот рече дека дефектот е отстранет, но не даде прецизен рок.

Реоните од централното градско подрачје и неколку приградски населби во Штип, или речиси половина од градот, веќе над 40 часа се без вода за пиење поради дефект во водоснабдувањето.
Околу 15 часот, директорот на ЈП „Исар“ Александар Арсовски изјави дека нивните служби деноноќно работат на инсталирање на две препумпни станици за да се обнови притисокот и снабдувањето. Тој посочи дека поради нивната ниска кота се појавиле надворешни води кои се слеваат на теренот и предизвикале свлечишта, што ги направило интервенциите опасни по живот.
Нема прецизен рок за враќање на водата
„Можам да кажам дека дефектот е остранет и во текот на денот водоснабдувањто постепено ќе се нормализира“, рече Арсовски, но не прецизираше кога токму ќе почне нормализацијата.
Три часа по неговата изјава, населбите и реоните кои од вчера сабајлето останаа без вода за пиење и натаму се без вода, велат граѓани кои се јавија до локалните служби.
Од ЈП Исар информираат дека екипите продолжуваат да работат непрекинато на терен. До целосно обновување на притисокот, граѓаните се повикуваат да се придржуваат до упатствата на комуналното претпријатие и да штедат вода каде што е можно.
Фото: СДК.МК)


