Почетна
Магазин

Доктор Дарко Василевски ја заврши шестдневната протестна акција пред Медицинскиот факултет

По шест дена штрајк пред деканатот, Василевски вели дека излегува со нарушено здравје, но ќе бара проверка за фер и транспарентни постапки.

·Магазин
Доктор Дарко Василевски ја заврши шестдневната протестна акција пред Медицинскиот факултет

Докторот Дарко Василевски ја заврши шестдневната јавна протестна акција пред Деканатот на Медицинскиот факултет, со пораката дека си заминува со нарушено здравје, но со крената глава откако јавно укажа на неправдата која, како вели, ја трпи.

По речиси една недела помината пред факултетот, тој преку објава се осврна на деновите на штрајкот, на поддршката што ја добил и на разочарувањето од реакцијата на институциите и на однесувањето на одделни колеги.

Василевски побара случајот да стане повод за поширока дебата за слични проблеми во медицинската професија и за потребата постапките да се спроведуваат фер и транспарентно.

Неразбирливи одговори и притисоци

Во својата објава тој наведува дека за време на шестдневниот штрајк очекувал поголем интерес од институциите и обид за разговор и решавање на причината поради која стапил во ваков чекор. По средбата со деканот, како што напиша, сфатил дека очекувал премногу.

„Денес, по краткиот разговор со деканот на Медицинскиот факултет, сфатив дека како Дон Кихот, се борам со ветерници и имам преголеми очекувања од институциите“, напиша Василевски. Тој додава дека очекувал барем некој да го праша како се чувствува, да разговара за мотивите за штрајкот или да понуди конкретно решение.

Докторот ги критикува и односот на дел од своите колеги — наместо поддршка, вели, бил претставуван како неработник, а според него објавувани се и лични податоци со намера да биде дискредитиран.

Иако штрајкот заврши без резултатот по кој се надевал, Василевски вели дека не жали што го кренал гласот и дека планира да бара проверка за фер и транспарентноста на постапката пред надлежните инспекциски и судски органи. Тој исто така порачува дека нема да се откаже од медицината и дека ќе продолжи да се едуцира и усовршува.

На крајот, Василевски им се заблагодари на оние кои му помогнале и ги посетиле и на граѓаните кои му испраќале поддршка. Тој признава дека здравјето му е нарушено, но нагласува дека е горд што издржал и не попуштил под притисок.

„Фала ви на сите за поддршката, а јас и понатаму ќе одам против ветерници, не знам како поинаку“, порача Василевски.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи