Доктор и медицинска сестра од Брзата помош нападнати пред поликлиника во Аеродром
Син и татко физички ги нападнале медицинските работници откако им биле упатени на Клиниката за токсикологија.

Лекар и медицинска сестра од скопската Брза помош се здобиле со повреди на главата и телото откако беа нападнати пред поликлиниката „Јане Сандански“ во општина Аеродром, информираат од здравствените служби.
Инцидентот започнал кога 41-годишен маж побарал помош за својот татко, кој испил хемиско средство. Откако лекарот проценил дека пациентот е на нозе и не е во животозагрозувачка состојба, ги упатил на Клиниката за токсикологија. Тогаш, синoт и таткото физички ја нападнале медицинската екипа: лекарот бил удиран со тупаници, а медицинската сестра била нападната додека се обидувала да ги раздели.
Транспорт и пријава до МВР
Повредените членови на екипата со две возила на Брзата помош биле пренесени на скопските клиники; исто така бил транспортиран и пациентот кој ги нападнал. Случајот веднаш бил пријавен во МВР, а истиот ден полицијата го привела синот, осомничен за нападот.
„Многу непријатно, многу неубаво за екипи кои секојдневно буквално се на терен, ги извршуваат своите задачи како стручни тимови кои спасуваат животи и навистина е апсурдно да се доведуваме во ситуација и оние екипи кои ги имаме и така малку да ги онеспособуваме за понатамошна работа“, изјави д-р Анита Димовска, раководителка на Брзата помош во Скопје.
Настанот го осудија Министерството за здравство и Лекарската комора, кои побараа соодветно санкционирање на сторителите. Комората најави правна и психолошка поддршка за повредените колеги.
Од Здружението на лекари специјализанти велат дека се револтирани не само поради физичкиот напад туку и поради стресот на кој се изложени медицинските екипи, и повикуваат Министерството за здравство да иницира законско решение со кое физичкото обезбедување ќе стане задолжително во сите здравствени установи. Нападот врз здравствен работник при вршење на професионалната дејност е кривично дело; согласно член 304‑г од Законот за здравствената заштита предвидена е парична или затворска казна, во зависност од околностите и последиците.
Фото: прес-материјал од настанот


