Почетна
Македонија

ДОМ: Убиството во Богданци не е „трагична несреќа“ — институциите мора да одговараат

ДОМ вели дека претходната пријава за насилство и наодот во опожарено возило укажуваат на институционален пропуст и бараат целосна истрага.

·Македонија
ДОМ: Убиството во Богданци не е „трагична несреќа“ — институциите мора да одговараат

Партијата ДОМ соопшти дека убиството на 17-годишната девојка во Богданци не е „трагична несреќа“ ниту „уште една страшна вест“, туку суров потсетник на институционален неуспех и колапс на системот што треба да ги штити граѓаните.

Девојката претходно пријавила насилство и побарала помош. Институциите имале сознанија за претходни случаи, а сепак таа не добила ефикасна заштита и завршила во опожарено возило. ДОМ поставува прашање каква е смислата на законите, мерките и службите ако насилството може да ескалира до ваков исход.

Што бара ДОМ

ДОМ бара итно, бескомпромисно и транспарентно утврдување на целата институционална одговорност. Партјата бара конкретни одговори: кој конкретно во полицијата, обвинителството и центарот за социјална работа постапувал во овој случај; како бил проценет ризикот; дали биле спроведени и контролирани мерките за заштита и зошто тие не го спречиле трагичниот исход?

ДОМ потсетува дека институциите не смеат да се кријат зад фразата дека "постапувале според протокол". Како што нагласуваат од партијата, "Кога жена или девојка пријавува насилство, а потоа е убиена, тоа не може да се третира како обичен административен пропуст!" Истрагата, според ДОМ, мора да ги испита сите околности и евентуалните пропусти во постапувањето на институциите.

Партијата нагласува дека смртта на осомничениот не смее да значи крај на утврдувањето на одговорноста на службените лица и додава дека "Мора да има последици за секој за кого ќе се докаже дека со своето несовесно постапување придонел за овој трагичен исход."

ДОМ остро ги отфрла празните соопштенија и брзите осуди што се повторуваат по секој нов фемицид и предупредува дека секое следно убиство на жена или девојка е ново обвинение против државата. "ДОМ бара одговорност! Бараме итна ревизија на сите активни пријави за семејно и родово базирано насилство, утврдување индивидуална одговорност и конкретни мерки за отстранување на институционалните пропусти," стои во соопштението.

Партјата повикува овие мерки да бидат преземени веднаш — не утре, кога ќе има нова жртва, туку сега, за да може да се спаси нечиј живот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи